Линкови за пристапност

Кризен штаб во МНР ќе ги извлекува македонските државјани од Израел и Блискиот Исток


Се остварува темното сценарио, Северна Македонија осудува било какво насилство на Блискиот исток, порача шефот на дипломатијата Османи на вонредна прес конференција и повикува на запирање на сите воени дејствија бидејќи ваквите конфликти можат да бидат вовед во трета светска војна

СКОПЈЕ – Педесетина македонски државјани се наоѓаат во моментов во Израел и доколку сакаат да бидат евакуирани на располагање им стои амбасадата во тел Авив како и кризниот штаб во МНР кој работи на обезбедување на рути за извлекување, соопшти министерот за надворешни односи Бујар Османи.

Во кризниот штаб се истите членови кои беа во штабот во октомври минатата година при извлекувањето на македонските државјани од Израел по нападот на Хамас, а според Османи тоа е клучно бидејќи имаат огромно искуство.

„ Првата одлука што ја донесов утринава е одлука за формирање на кризен штаб примарно надлежен да организира извлекување на нашите државјани од Израел и поширокиот Блиски Исток доколку се јави потреба за тоа. Извлекувањето ќе зависи од динамиката на состојбата во наредните часови како и од аеродромот во Тел Авив кој е ставен во функција но работи со ограничен капацитет. Единствената алтернативна рута е копнениот пат преку Јордан. Во Израел има најмногу 40 до 50 македонски државјани вклучувајќи ги и семејствата на дипломатите. Потсетувам дека голем дел ги извлековме со организиран лет во октомври минатата година а тие останаа беше нивна одлука“, рече министерот Османи на брифинг со медиумите.

Амбасадата во Тел Авив останува целосно екипирана а персоналот – амбасадор, висок дипломат и административен работник остануваат во Израел и според Османи тие во моментов се безбедни.

„Ги повикувам сите државјани на Северна Македонија во Израел да бидат во постојана комуникација со нашата амбасада во Тел Авив а на располагање се и дежурните телефони на МНР во Северна Македонија“, кажа Османи.

Изреалски противракетен систем во градот Ашкелон дејствува врз беспилотни летала и проектили лансирани од Иран
Изреалски противракетен систем во градот Ашкелон дејствува врз беспилотни летала и проектили лансирани од Иран

Шефот на дипломатијата нагласи дека уште во петокот алармирал за нападот кој синоќа Иран го изврши лансирајќи околу двесте дронови врз Израел, како одмазда на израелскиот напад врз амбасадата во Дамаск, а информациите ги добиле во комуникација со НАТО.

„Секое насилство е за осуда без разлика дали е направено од Иран Израел или Хамас. Го осудуваме овој напад кој не оди во прилог на напорите за стабилизација на регионот како што ги осудивме претходните и како што ќе ги осудиме евентуалните следни одмазднички напади кои се најавуваат. Потсетуваме на тешката положба на цивилното население во Газа за кое Израел сноси одговорност за страдањата на цивилите што исто така го осудуваме. Насилството раѓа насилство а овој повторувачки круг на одмазда ја ескалира состојбата во регионот која многу лесно може да се прошири. Повикуваме на итен прекин на насилствата бидејќи ако сега не запре ќе ја помине точката од која нема враќање назад“, рече Османи.

Османи побара од претседателот Пендаровски да го свика Советот за безбедност поради ризикот од ескалација и активирање на балканската мигрантска рута.

Од кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека процените се дека засега нема потреба од свикување на Советот за безбедност.

„ Ве информираме дека претседателот Стево Пендаровски е во комуникација со нашите партнери во НАТО. Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Македонија. Доколку се донесе одлука за свикување на седница на Советот за безбедност, јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштија од Кабинетот.

Иран соопшти дека нападот е одмазда за бомбардирањето на неговите дипломатски објекти во Дамаск, Сирија а утрово официјален Техеран потврди дека „операцијата е завршена“. Израел пак соопшти дека извршил напад врз дипломатското седиште бидејќи имале оперативни информации дека таму биле лоцирани оперативци на единицата „Кудс“.

XS
SM
MD
LG