Како главен архитект за санкциите против Русија, анализите покажуваат дека германската канцеларка Ангела Меркел е европскиот лидер кој Москва сака да го симне од власт.
Овој месец, Меркел кажа дека постои опасност од надворешни обиди за хакирање на изборите, потенцирајќи дека германските лидери мора да го информираат народот и притоа јасно да ги изразат нивните убедувања.
Канцеларката Меркел се кандидира за четврти манда. Но, таа има Ахилова пета. Близу еден милион мигранти пристигнаа минатата година во Германија и аналитичарите велат дека Русија токму ова ќе го искористи за поттикнување на анти-имигрантско расположение.
Во јануари, лажната вест за руско-германската девојка именувана како „Лиса“ која наводно била силувана од мигрантите, предизвика протести во Германија. Девојката подоцна потврди дека тоа било лага. Русија најверојатно ќе ги засили ваквите дезинформации пред изборите во Европа, вели аналитичарот од Центарот за европски реформи, Јан Бонд:
„Тие можат да целат на Германија, но и на Франција. Бидејќи Ангела Меркел е блиску поврзана со политиката за примање бегалци и баратели на азил во Германија, тоа е за неа област каде е ранлива“, вели Бонд.
Екстремната десница, партијата Алтернатива за Германија, која е отворено против имигрантите, бележи пораст на анкетите. Терористичкиот напад кој се случи во вторникот во Берлин, може да им донесе и поголема предност, вели Торстен Бенер од Глобалниот јавен политички институт во Берлин:
„Дури и ако се постигне договор за бегалците меѓу ЕУ и Турција, тоа исто така може да го зголеми притисокот врз Германија.“
Преку цела Европа, крајно десничарските партии имаат поблиски односи со Москва. Јан Бонд вели дека популистичките партии имаат една цел - распад на Европската Унија.
Со доаѓањето на Доналд Трамп, Бонд рече дека ЕУ ќе биде тестирана практично, од сите страни.