Линкови за пристапност

Европа никако да крене глава


Додека Италија хаотично формира коалициона влада, продолжува кризата во Шпанија, а згора на тоа Унијата се соочува со тарифите на претседателот Трамп

Очите на ЕУ се свртени кон југот. Претставници на Унијата минатата недела нервозно ја следеа ситуацијата во Италија, каде беше формирана коалициона влада – скептична спрема еврото, којашто планира да ги зголеми јавните трошоци и да депортира половина милион мигранти.

Истовремено, Унијата будно ја следи и продолжителната политичка криза во Шпанија која неодамна избра нов премиер.

Згора на тоа, тука се и се` покомплицираните преговори за Брегзит.

Воедно, ЕУ се соочува со можноста за трансатлатска трговска војна поттикната од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за увоз на европскиот челик и алуминиум.

Виш претставник на Унијата, за Гласот на Америка изјави дека Брисел треба внимателно да постапи и со Италија и со Шпанија, доколку „сака да избегне потпалување на конфликти со овие држави околу плановите за трошење и начините за справување со мигрантите, дури и сепаратистите“.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кажа дека Брисел и земјите од германско говорно подрачје, не смеат да ги повторат грешките од времето на кризата во Грција, нудејќи остри лекции за состојбата на јавните финансии и потребата од придржување кон правилата на ЕУ.

Оваа изјава на Јункер беше сосема спротивна од онаа од четвртокот, кога кажа дека Унијата не треба да се обвинува за италијанската задолженост, тврдејќи дека Италијанците треба повеќе да работат.

Сега, Јункер кажа дека е определен да избегне да го „храни“ популистичкиот наратив оти ЕУ на големо се меша во домашните прашања на земјите-членки. Тој подвлече дека партиите М5S и Лега, се откажале од политиката за напуштање на еврото.

Сепак, некои експерти велат дека коалиционата влада во Италија и Брисел, се движат во обратни насоки, а првиот „судир“ се предвидува да се случи околу прашањето за миграцијата. Матео Салвини, лидер на Лега, а сега министер за внатрешни работи, за време на митинг во саботата, кажа дека: „Дојде крајот на добрите времиња за илегалците. Подгответе се да ги спакувате торбите“.

Тој воедно вети дека ќе изврши притисок врз ЕУ за воведување реформи во законот за азил, потенцирајќи дека „Италија не може повеќе да служи како бегалски камп на Европа, а Франција и Германија да престанат товарот на катастрофата да го ставаат на рамената на крајбрежните држави“.

Европските претставници се нервозни и за случувањата во Мадрид.

Педро Санчез, економист и поранешен кошаркар, доби поддршка од неколку партии за да го собори претходникот Маријано Рахој, околу огромниот корупциски скандал. Тој вети поврзаност со ЕУ и поддршка на еврото, но неговата партија има помалку од четвртина од местата во парламентот.

Неговата влада ќе зависи и од гласовите на крајната левица, две групи кои се за независност на Каталонија и од Баскиската националистичка партија. Крајната левица или Подемос, на пример, верува дека еврото придонело за осиромашување на јужна Европа, а истовремено обогатување на Германија.

Во меѓувреме, според неколкумина политички експерти во Шпанија, Санчез можно е на функцијата да остане подолго време, со парламентарни превирања, зголемувајќи ги шансите за нестабилност во јужна Европа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG