Линкови за пристапност

ЕУ расправа за кризата со бегалците


Една од точките на дневниот ред во Брисел е планот на Унгарија за одржување референдум за планот да воведе задолжителни квоти за прием на бегалци

Министрите на Европската унија се среќаваат во Брисел, за да се координираат околу најновата стратегија за справување со масовниот прилив на мигранти, што е товар за ресурсите дури и на побогатите земји во трговскиот блок.

Официјални лица од Европската унија за внатрешни работи и правда, се среќаваат со нивните колеги од Србија, Македонија и Турција, земји кои буквално се на првите линии на фронтот на кризата, бидејќи ги делат своите западни граници со источните земји на Европската унија.

Грција, една од финансиски најпроблематична членка на ЕУ, се бори да се справи со протокот на луѓе кои бегаат од насилството во Сирија, Ирак и Авганистан.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, во средата предупреди дека неговата земја нема да се согласи да се справува со овој проблем, доколку и другите земји на ЕУ не се согласат на заедничка распределба на товарот за сместување на постојаниот прилив на бегалци.

Многу од бегалците прво пристигнуваат во Грција, со цел да го продолжат своето патување по таканаречената „Балканска рута“ преку Србија и нејзините соседи, до централна и западна Европа.

Една од точките на дневниот ред во Брисел е планот на Унгарија за одржување референдум за планот на ЕУ да воведе задолжителни квоти за прием на бегалци во секоја земја.

Унгарија е мета на остри критики од ЕУ за кревање на челична ограда долж сопствената јужна граница за да ги задржи бегалците да не влезат по илегален пат во земјата. оваа политика е усвоена и од други земји погодени од голем прилив на мигранти.

ЕУ неделава предупреди дека се заканува хуманитарна криза во Грција и таа се комплицира со ограничувањата од страна на Балканот и земјите во централна Европа за сместување на бегалците. Турција беше под притисок од лидерите на ЕУ да прими поголем број на бегалци, испраќајќи некои од нив кон Западна Европа.

XS
SM
MD
LG