Линкови за пристапност

Европејците сакаат забрана за муслимански имигранти


Ново истражување на јавно мислење покажа дека само за Германија економијата е врвен приоритет

Возбудата во Европа по воведувањето на забраната за патување што претседателот Доналд Трамп ја постави спрема граѓани од седум главно муслимански земји го фрли во сенка она што лондонскиот Чатам Хаус го нарекува „резервоар за јавна поддршка“ на континентот за таквите мерки, покажа најново истражување на институт за политика.

Истражувањето спроведено врз 10 илјади лица нашло дека во просек 55 проценти во европските држави поддржуваат ставање крај на муслиманската имиграција, со најголема поддршка во Полска - 71 процент, а најмала во Шпанија - 41 процент.

Во Германија, нешто повеќе од половината од испитаниците поддржале запирање на муслиманската имиграција. Повеќе од 1,1 милион баратели на азил влегле во Германија во 2015-та, а 40 проценти од нив дошле од Сирија, велат германските власти.

Еден од нив е Сириецот Билал Ал Насир, кој бил на 17-годишна возраст кога го напуштил Дамаск, откако неговиот дом бил бомбардиран. Тој бил повреден, а шрапнел се` уште се наоѓа во неговата глава.

Зборувајќи за Гласот на Америка во бегалски камп, во близина на Дрезден, источна Германија, Ал Насир кажа дека лекар му рекол оти пред се` му треба операција за повредата на главата. „Потоа ќе одам на училиште, да научам германски“, кажа тој. „Сега сум овде, безбедно е, нема војна. Но, загрижен сум за мајка ми и татко ми, кои останаа во Сирија“.

Додека чека на операцијата, Ал Насир се обидува да најде работа, преку мрежа на доброволци наречена КС24. Основачот Рони Френзел вели дека вработувањето е од витално значење за интеграција во државата.

Новиот дом на Ал Насир, Дрезден, навидум не е наклонет на помагање на имигрантите. Од тој град потекнува десничарското движење ПЕГИДА, што е кратенка за Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот. Секој понеделник симпатизерите маршираат низ градот. Главна говорничка неделава беше Рената Санвос, од организација за следење на новинарството, која тврди дека германските медиуми ги прикриваат проблемите со имиграцијата.

„Муслиманската култура, што го ставам во наводници, зашто за мене тоа не е култура, туку нешто целосно различно од германската култура, едноставно не припаѓа тука“, кажа таа за Гласот на Америка по собирот.

Кога ПЕГИДА беше создадена пред две години во Дрезден, организаторите се надеваа дека ќе се прошири низ Германија и во другиот дел на Европа. Но, тоа не` се случи, и за тоа има причина, вели професорот од Универзитетот на Дрезден, Веренер Пацелт:

„ПЕГИДА е поуспешна од кога било порано, но под друга етикета. Затоа што АфД е ПЕГИДА. АфД e ПЕГИДА како политичка партија“.

АфД, Алтернатива за Германија, може да биде трета најголема партија на изборите закажани за септември. Претходно партијата негираше врски со движењето ПЕГИДА, но Пацелт вели дека тоа е една од неколкуте крајно десничарски партии во Европа, кои се темелат на загриженоста во врска со имиграцијата.

„Нема да можеме да ја запреме имиграцијата, нема да можеме да обезбедиме нешто што би било фер распоредување на мигрантите низ Европа“, вели Пацелт. „Ова е навистина проблем во срцето на процесот на европска интеграција“.

Но, најнови истражувања покажуваат дека поддршката за АфД опаѓа. Глобалната неизвесност многу веројатно ќе ги поведе германските гласачи да ја стават економската стабилност пред имиграцијата, велат аналитичарите, и предизвикот за Германија ќе биде да се направат мигрантите дел од нејзината економска иднина.

XS
SM
MD
LG