Одлуката на Европскиот совет да не и` даде на Северна Македонија датум за пристапни преговори е сериозно назадување, реагираа експерти и дипломати на дебата во Атлантскиот совет во Вашингтон.
„Се надевам дека е привремно одложување, а не промена во стратегијата на Европската Унија, која е спротивна од промовирањето на евроатлантските интеграции за сите држави во Западен Балкан, вклучувајќи ја и Србија“, изјави амбасадорот Александер Вершбоу.
Тој вели дека очекува до наредната пролет Северна Македонија да стане дел од НАТО Алијансата, истакнувајќи ја ратификацијата на Пртоколот во Сенатот.
„Во интерес на Европа е сите овие држави да го следат патот, кои други веќе го поминаа, да ги исполнат потребните реформи што ќе го направи Западниот Балкан многу постабилно место, и ќе ги намали шансите за руско влијание“, додаде тој.
Италијанскиот амбасадор во САД Армандо Варикио, рече дека ветото на ЕУ за Северна Македонија е погрешна одлука.
„Одлуката да не се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија, кратко и јасно, е огромна грешка. Потребна ни е поголема политичка ангажираност и свесност. Предизвиците се мултидимензионални и мултинационални. Колку повеќе работиме заедно, подобро е“, смета Варикио.
Тие нагласија дека е потребно НАТО и Европската Унија да развијат заедничка стратегија на југот - ЕУ фокусирајќи се на прашањата како владеење на право, невработенст, инфлација и развој, а НАТО на изградба на безбедносни капацитети.
Со заедничка инвестиција во технолошки можности, заклучија тие, евроатлантските сојузници би можеле да се справат со влијанието на Русија и Кина.
Facebook Forum