Емисиите на јаглерод диоксид биле помали за 17% на почетокот на април во споредба со истиот месец од минатата година. Според научниот труд објавен во изданието за климатски промени на Nature дневните емисии биле намалени од околу 100 милиони метрички тони на околу 83 милиони.
Главните причини за ова се драстично помалиот сообраќај, приземјените авиони и променетите начини на трошење на енергија на луѓето.
Влијанието на годишните емисии ќе зависи од траењето на пандемијата и рестриктивните мерки
Прецизното утврдување на промените во емисиите во реално време е тешко зашто тие се мерат на годишно, а не на дневно ниво. Поради ова научниците користеле дневни податоци како потрошувачка на електрична енергија, сообраќаен метеж во градовите како и податоци од мерачи во домовите во 69 држави. Потоа тие креирале „индекс на останување дома“ базиран на строгоста на владините мерки на различни локации.
Влијанието на годишните емисии ќе зависи од траењето на пандемијата и рестриктивните мерки. Научниците кои ја изработиле анализата предвидуваат дека количините на CO2 ќе бидат помали за 4% доколку рестрикциите бидат укинати до средината на јуни или за 7% доколку дел од мерките останат во сила до крајот на 2020-та.
За време на најстрогите мерки кога само суштинските работници смееле да излегуваат од дома вкупните активности биле намалени за 75%, се наведува во научниот труд.
Промените од 2020-та веројатно се привремени и не отсликуваат структурни промени во економските, транспортните и енергетските системи
Сепак, ова намалување на емисиите на CO2 не е одржливо.
„Промените од 2020-та веројатно се привремени и не отсликуваат структурни промени во економските, транспортните и енергетските системи. Социјалната траума од мерките за седење дома и промените поврзани со неа можат да ја променат идната траекторија на потрошувачка на енергија на непредвидливи начини“ пишува во трудот.
Неколку фактори укажуваат на уште поголеми емисии по завршувањето на пандемијата
Научниците заклучуваат дека владините мерки и поттикнувањето на економиите по завршувањето на пандемијата ќе има влијание на емисиите во следните децении.
„Неколку фактори укажуваат на уште поголеми емисии по завршувањето на пандемијата. Ова ги вклучува повиците на некои влади да се одложат програмите за зелен развој и да се намалат стандардите за штетни честички на автомобилите“ стои во трудот.
Податоците покажуваат колку многу мора да се намали потрошувачката на енергенси за да се постигнат целите поставени со Парискиот договор. За глобалното затоплување да се ограничи на 1.5 Целзиусови степени до 2100-та година, државите мора да ги намалуваат емисиите за 7.6% секоја година во следните десет години.