Линкови за пристапност

Намалувањето на невработеноста може да е добро за Обама


Намалувањето на невработеноста може да е добро за Обама
Намалувањето на невработеноста може да е добро за Обама

Соопштеното намалување на стапката на невработеност во САД во петокот, од девет на 8,6 проценти експертите го гледаат како добро за перспективата на претседателот Барак Обама да биде реизбран, особено ако намалувањето стане тренд.

Опаѓањето на невработеноста е најдобра економска и политичка вест за Белата куќа последниве месеци, и претседателот Обама брзо се осврна на напредокот за време на говор во Вашингтон.

„Како претседател, мој најитен предизвик е да сторам се` што можам, секој ден, за економијата да почне да расте побрзо и да се креираат повеќе работни места“, рече Обама.

Економистите велат дека новите цифри се добар знак, но исто така забележуваат дека стапката на невработеност може да е резултат на тоа што многу Американци престанале да бараат работа.

Републиканците, вклучувајќи го и спикерот Џон Бејнер, беа внимателни:

„Секое креирање на работни места е добродојдена вест, но стапката на невработеност во нашата земја се` уште е неприфатливо висока“, рече Бејнер.

Политичките експерти велат дека економијата и стапката на невработеност ќе бидат клучни прашања на претседателските избори следната година.

Аналитичарот Стјуард Ротенберг вели дека гласачите ќе го сметаат претседателот Обама за одговорен доколку економијата остане слаба.

„Тој или треба да ја промени ситуацијата со економијата и вработувањата и целото расположение во државата, што е многу тешко да се направи, или ќе треба да ги промени изборите да не бидат за работни места туку - Дали им верувате на републиканците? Се плашите ли од републиканците? Дури тогаш има шанса за реизбор“, вели Ротенберг.

Републиканците се надеваат да го победат Обама следната година, главно со фокусирање на кампањата на економските резултати на претседателот. Меѓу претендентите за неговата функција е поранешниот спикер на Претставничкиот дом, Њут Гингрич.

„Доколку Обама е реизбран и тој почне да верува дека неговиот радикализам бил оправдан и покрај економијата, и покрај дефицитот, покрај се`, можам да замислам на што ќе личи вториот мандат“, вели Гингрич.

Во моментов, Гингрич и поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни се на врвот на анкетите кои ја мерат поддршката за осумтемина републикански претседателски претенденти.

Рамномерен тренд на подобрување на цифрите на невработеност многу ќе помогнат на шансите на претседателот за реизбор, вели демократскиот политички стратег Стив МекМахон.

„Тоа што е најважно во претседателската кампања на крајот ќе биде дали луѓето чувствуваат дека работите стануваат подобри, ништо не се променило или станало полошо“, вели тој.

МекМахон и други демократи се надеваат дека Обама ќе го следи примерот на поранешниот претседател Роналд Реган. Реган доби голема победа на реизбор во 1984 дури и со стапка на невработеност од 7,2 проценти, главно заради тоа што гласачите веруваа дека државата е на исправна патека.

XS
SM
MD
LG