Линкови за пристапност

Опозицијата го услови враќањето во институциите на системот


СДСМ бара смена на три министри и директорот на МРТВ за да учествува на изборите.
СДСМ бара смена на три министри и директорот на МРТВ за да учествува на изборите.

Стручната јавност поделена во врска со барањата на СДСМ.

Опозицискиот СДСМ истапи со услови под кои партијата би учествувала на избори и би се вратила во Парламентот, за да се надмине кризата.

Според одлуката на партиските тела, локалните избори би требало да се одржат истовремено со парламентарните. За да бидат фер и демократски, сметаат социјалдемократите, треба да ги организира влада со кредибилитет и консезуална поддршка. Во таа смисла, СДСМ бара на челото на Министерствата за правда, внатрешни работи и финансии, како и на функцијата директор на МРТВ, да бидат поставени личности кои ќе ја имаат довербата и од опозицијата, и од власта.

“Опозицијата е подготвена за започнување на разговори веднаш и во кој било формат. Ако одбијат, битката ќе ја продолжиме со методите на уличната демократија и граѓански отпор. Целата одговорност за нелегитимни избори ќе ја носи актуелната власт” изјави водачот на СДСМ Бранко Црвеновски.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека овие барања на опозицијата ќе бидат разгледани во партиските органи кои ќе заседаваат во сабота.

Во меѓувреме, одлуката на СДСМ ја коментираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Според неа, ова барање на опозицијата не е добро за државата.

„За успешноста или неуспешноста на функционирањето на МВР најмногу говорат резултатите, но уште повеќе говори довербата која граѓаните ја даваат на една политичка гарнитура на избори. СДСМ шест пати по ред од година во година трпи се` покатастрофален пораз, не од министрите, туку од граѓаните кои не им ја даваат довербата единствено заради фактот што тие немаат никаква конкретна понуда, проекти и немаат резултати кои би ги презентирале од времето кога тие имале можност да раководат со државата“, изјави Јанкулоска.

Коментаторите на актуелните политички состојби имаат различни видувања за одлуката на СДСМ. Според професорот Јове Кекеновски, „се работи за политичко коректна одлука која дава реални шанси да се дојде до компромис помеѓу партииите на власт и опозицијата. И во СДСМ беа свесни дека нема таква партија на власт која од готово ќе прави вересија и ќе дозволи изборите да ги организира целосно нова техничка влада. Одлуката на СДСМ доаѓа во прав момент и е посакувана за премиерот Груевски од причина што и тој е свесен дека е потребна реконструкција на Владата“.

Одлуката на СДСМ, според професорката Билјана Ванковска е добар знак дека најголемата опозициска партија сфаќа дека политичкиот процес мора да се води низ институциите. Ванковска тврди дека оваа одлука на опозиционерите е донесена под влијание на меѓународната заедница.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања - Скопје смета дека барањата на СДСМ се нереални.

„СДСМ го условува учеството на изборите со барања кои знаат дека нема да бидат прифатени. Во повеќе наврати кажав дека се повторува ситуацијата од претходниот изборен циклус. Сега беше буџетот, тогаш беше А1 ТВ. Очигледно е дека СДСМ смета дека со создавање политички тензии ќе добие политички поени” вели Божиновски.
XS
SM
MD
LG