Пиар стратегија во пресрет на локалните избори кои треба а се одржат наесен. Вака дел од аналитичарите го оценуваат ребрендирањето на ДУИ на Али Ахмети во зелена партија.
„Мислам дека нивната зелена агенда има најмалку врска со екологија, бидејќи се работи за политички пресврт односно политички ребрендинг. Тоа можеби е потег во пресрет на локалните избори за ДУИ да се врати назад на врвот на политичката сцена“, рече политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими, пак, вели дека „ова ќе се послужи и за дефокусирање на евентуалната дебата врз основа на пропустите на досегашните градоначалници на ДУИ. Сето ова ќе потрае само до локалните избори“.
Според Селими, парадоксално е да се види како партија, која била изградена врз етнички барања, сега одеднаш станува зелена партија, со граѓански предзнак.
„Но од декларативно до трансформација има доста многу и затоа јас не сум уверен дека овој чекор е искрен и е во функција на трансформација, а не на пиар машинерија“, додава тој.
Лидерот на интегративците, на 19-от роденден на партијата, соопшти дека зелената агенда станува дел од партијата, односно дека започнуваат со политика за еколошка правда и квалитетен живот.
„Дали ДУИ со ова ќе може да ги елиминира пропустите од минатото и да сврти нов политички лист. Дали ќе може да почне од условно речено, зависи од тоа дали сегашната форма на ребрендирање ќе ја исполнат во суштина. Ако граѓаните почувствуваат навистина нов пристап, нова платформа, нов начин на делување, да тогаш со тоа тие ќе можат да направат успешно заокружување и оставање зад себе на пропустите од минатото. Ако ова остане една празна форма и не се даде политичка суштина и промена на вистинскиот начин на делување, тогаш граѓаните ќе им ги запаметат минатите пропусти“, рече Арсовски.
Еколошките активисти се сомневаат во искрените намери за зелена агенда. Од „Еко Герила“ велат дека од 2008-ма година, ДУИ раководи со Министерството за животна средина.
„Ситуацијата со животната средина во државата е многу лоша. Целата држава е покриена со диви депонии. Планините, шумите, реките се уништени од дивоградби, но, и од изградба на таканаречените мали хидроцентрали. Зелените површини се бетонирани. Отприлика ова е сликата од менаџирањето на ДУИ со животната средина. Не е јасно како може ДУИ да се претвори во зелена партија“, вели Аријан Џафери од „Еко Герила“.
Одлуката за ребрендирање, Ахмети ја оправда со тоа дека по спроведувањето на големите проекти како што се етничката еднаквост, членството на земјата во НАТО, и добивањето на зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, време е ДУИ да работи на еколошки прашања.
Facebook Forum