Линкови за пристапност

Додека Судскиот совет расправаше за предметот на усмртувањето на Фросина Кулакова, премиерот побара распуштање на ова тело


Христијан Мицкоски ја реактивираше идејата за разрешување на целиот Судски совет
Христијан Мицкоски ја реактивираше идејата за разрешување на целиот Судски совет

Во екот на партиските и барањата на јавноста за разрешување на судијката која, младиот возач што ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова за претходно извршени кривични дела не го пратила во затвор, туку во поправен дом, Христијан Мицкоски ја реактивираше идејата за разрешување на целиот Судски совет.

Додека заседаваше Советот и тоа токму за предметот на загинувањето на младата неготинка, состојбата во судството премиерот ја нарече „мочуриште“ и преку социјалните мрежи најави дека пратениците на неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.

Тој тоа го кажа и пред медиумските екипи.

„Не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот на кој функционира судско-обвинителски систем, дека е тоа едно мочуриште кое изобилува со многу скандали и контроверзи. Не можеме да направиме цело распуштање, или за така кратко време да ги детектираме аномалиите, но можеме да избереме судски совет кој објективно, без партиски стеги, без интереси ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и ќе може да биде монитор на судиите и тоа какви одлуки тие носта. Сметаме дека треба да се удри во чело, а тоа подразбира дека сето она што е во ингеренции на Парламентот – избор на оние членови на Судскиот совет, таму каде се бираат да се изгласа интерпелација. И покрај тоа тие може да останат членови, но во услови кога некој те избрал, а ти изгласал недоверба, а ти продолжуваш да водиш инает, тогаш тоа не едобор, и тогаш имаме други механизми. Се надевам дека ако парламентарците изгласаат недоверба, членовите на Судскиот совет ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, рече Мицкоски.

Шефот на Судскиот совет, затечен од денешната иницијатива на премиерот, вели дека се надева дека Собранието и владата ќе работат според Уставот и ќе го почитуваат Законот за судски совет.

„Првпат ова од вас го чув. Досега бевме на седница, сум давал изјави дека во поглед на разрешување на советот, единствено место каде е тоа предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој може да поднесе иницијативи. Сите во оваа држава работиме во согласност со Уставот и законите и немам причина да се сомневам дека Собранието и владата работат според тие принципи“, изјави Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет.

На иницијативата на Мицкоски реагира и опозицијата. Лидерот на СДСМ Филипче порача дека неговата партија е за судски реформи, но не преку самоволие и, како што вели, окупација преку смена на Судскиот совет.

„Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта. СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент“, напиша Филипче.

За случајот со усмртувањето на младата Фросина, од кој и тргна повторениот граѓански револт, но и барањата на власта за разрешување на судијката која во минатото не го пратила 20-годишниот возач во затвор, Судскиот совет денеска реши да формира посебна комисија која ќе го истражува предметот и дали има основа за судиска одговорност.

Обвинителството најави проширување на истрагата и утврдување дали има одговорност и кај родителите на момчето зашто му дозволиле да вози автомобил.

Утре во Собранието ќе се одржи јавна расправа за подобрување на законската рамка во делот на безбедност на граѓаните.

Но, и покрај сето ова, граѓаните викендов пак ќе протестираат барајќи правда и спречување на вакви настани.

XS
SM
MD
LG