Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денес изјави дека е „длабоко вознемирен“ од интензивирањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа, велејќи дека цивилите мора да бидат заштитени.
„Меѓународното хуманитарно право воспоставува јасни правила кои не можат да се игнорираат“, рече тој.
Тој рече дека сите страни мора да ги почитуваат правилата на војната, вклучително и принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост.
„Со премногу изгубени израелски и палестински животи, оваа ескалација само го зголемува огромното страдање на цивилите“, рече тој.
Израел го стави под целосна блокада појасот Газа кој е под контрола на Хамас по нападот на 7 октомври во кој загинаа 1.400 Израелци.
По две недели меѓународни преговори, на 21 октомври во Газа почнаа да влегуваат ограничени резерви на храна, вода и лекови.
ОН во вторникот соопшти дека оттогаш само 143 камиони со помош влегле во Газа.
„Нивото на хуманитарна помош што беше дозволено во Газа до овој момент е целосно несоодветно и не е пропорционално со потребите на луѓето во Газа, што ја влошува хуманитарната трагедија“, рече Гутереш, повторувајќи го својот повик за хуманитарен прекин на огнот и непречено пристап до помош.
Агенцијата на ОН која им помага на Палестинците денес соопшти дека уште тројца членови на нејзиниот персонал биле убиени во тековните воздушни напади, при што загинале 67 лица од агенцијата од 7 октомври.
Шефот на ОН, исто така, ја изрази својата загриженост за ризикот од ширење на конфликтот и ги повика сите лидери „да покажат најголема воздржаност за да избегнат поширок оган“.
Денес, регионалните медиуми објавија дека бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, истрелале низа балистички и крстаречки ракети, како и беспилотни летала врз цели во Израел.