Трескавичен екот од ѕвонци и клопотарци предзори. Луѓе преправени во исконски чудовишта растрчани низ селото. Нивните лица исцрнети, а под образите долги бради и мустаци. Главите, пак, покриени со наметки и качулки стари и по еден век. Тоа се џоломарите од кавадаречкото село Бегниште.
Се појавуваат во ноќта меѓу 13ти и 14ти јануари, за Василица. Задачата им е со вревата и страшниот изглед, ритуално да ги избркаат лошите духови и болестите од старата година. Да се отвори пат за бериќет, здравје и плодност во новата.
Обичајот е еден од ретките што со векови ја задржал својата изворна форма.
Се појавуваат во ноќта меѓу 13ти и 14ти јануари, за Василица. Задачата им е со вревата и страшниот изглед, ритуално да ги избркаат лошите духови и болестите од старата година
„Се трудиме да ја задржиме традицијата на нашите дедовци, прадедовци, на нашите предци. Се трудиме. Малку е тешко во овој современ свет, но некако опстануваме“, вели 35-годишниот џоломар, Пере Лазаров.
Учесниците се мажи, преправени во страшилишта, како и во баба, две невести и еден магаричар. Бабата ја симболизира старата година, а невестите се симбол за новото раѓање.
„Магаричарот го води магарето. Одат од куќа до куќа, каде ги даруваат со месо, брашно, овошје, кој што има. Бабата е облечена целата во црно и ја претставува старата година што одминува. Додека невестите, коишто се две, се целите облечени во бело и ја претставуваат годината што надоаѓа“, истакнува Ордан Лазаров, претседател на Карневалска група „Џоломари“ од с. Бегниште.
Еден од најстарите активни џоломари во селото е 62-годишниот Вангел Лазаров.
„Уште се правам. Кога одиме по карневали, јас сум напред. Орото го водам како најстар џоломар“, објаснува чичко Вангел.
Во препознатливата маска влегол уште на осумгодишна возраст, а денес им помага на младите да ја продолжат традицијата.
„Некогаш беше можеби и поинтересно. Селото беше поисполнето со луѓе, со куќи. Сега селото е намалено, миграцијата си го стори своето“, додава Вангел.
Според истражувањата на етнолозите од музејот во Кавадарци, обичајот е уникатен за тиквешкиот регион.
Само во овие села се користи зборот џоломар. Односно, претежно во селото Бегниште, додека во селото Ресава се употребува и зборот џаламарТоме Крстевски, Виш кустос-етнолог од музејот и галерија од Кавадарци
„Само во овие села се користи зборот џоломар. Односно, претежно во селото Бегниште, додека во селото Ресава се употребува и зборот џаламар“, објаснува Томе Крстевски, Виш кустос-етнолог од музејот и галерија од Кавадарци.
За препознатливоста на овој обичај зборуваат и бројните учества на бегнишките џоломари на странски карневали.
„Кога одиме на фестивалите, одлично нè прифаќаат. Интересна маска сме, несекојдневна, различна од сите, уникатна“, додава Ордан Лазаров.
Вклучувањето и на децата во дводневните случувања им остава надеж на етнолозите дека обичајот ќе продолжи да опстојува.
„Со ангажирањето на водачите од здруженијата на џоломарските групи од овие две села, од Ресава и од Бегниште, се надевам дека ќе ја продолжат оваа долговековна традиција“, вели вишиот кустос Крстевски.
Ритуалната игра на џоломарите траеше до зајдисонце. Маските ќе ги облечат повторно догодина, за да ги избркаат болестите и да го продолжат вековниот обичај.
Facebook Forum