Линкови за пристапност

Дитмар Шантин, консултант за медиуми: Лесно се паѓа во замка на лажните вести создадени преку ВИ


Не верувајте во ништо што изгледа сомнително: Дитмар Шантин, Консултант за медиуми/IFMS Media
Не верувајте во ништо што изгледа сомнително: Дитмар Шантин, Консултант за медиуми/IFMS Media

Опасноста е во тоа што многу е тешко да се разликува што е реално, а што не е. Ако не правите двојна проверка, можете бргу да паднете во замката, предупредува консултантот за медиуми, Дитмар Шантин за злоупотребата на вештачката интелигенција за создавање лажни вести

Текст, аудио, видео. Сите можни содржини денес можат да бидат создадени преку вештачка интелигенција. Автори можат да бидат професионални организации, но и индивидуалци кои немаат допирни точки со објективното новинарство.

Тоа отвора простор за брзо ширење на лажните вести, укажува Дитмар Шантин, консултант за медиумски прашања и нови технологии од Консултантската куќа „IFMS - Media“.

„Опасноста е во тоа што многу е тешко да се разликува што е реално, а што не е. Мислам, ако погледнете одблизу, да (ќе откриете). Но, доколку само гледате набрзина или слушате набрзина или ако не правите двојна проверка или слушате набрзина, можете бргу да паднете во замката и да поверувате во тоа што слушате“, објаснува Шантин.

Опасноста е во тоа што овие лажни вести или овој тип на пропаганда се користи да го подели општеството уште повеќе, и станува сè поекстремно.

Опасноста од лажните содржини, создадени преку вештачка интелигенција, повеќекратно се зголемува како што се наближуваат и политички избори.

„Гледаме голема поларизација во секоја земја. Во Британија почна со Брегзит. Многу го подели општеството. Во Австрија го имаме левото, наспрема десното крило. Слична (поделба) расте и во Германија. Опасноста е во тоа што овие лажни вести или овој тип на пропаганда се користи да го подели општеството уште повеќе. И станува сè поекстремно. Тоа е вистинската опасност“, посочува нашиот соговорник.

Единствениот начин за заштита засега, како што вели, е да се биде внимателен со информациите што доаѓаат преку непроверени извори.

„Не верувајте во ништо што изгледа сомнително или ако е премногу во иста насока со вашиот начин на размислување. Доколку премногу брзо го потврдува вашето размислување, бидете скептични. Пробајте да најдете други извори. Пробајте да споредите различни извори. Не земајте само еден извор и не верувајте (веднаш) во тоа што слушате, гледате или читате“, вели консултантот.

Дитмар Шантин, Консултант за медиуми/IFMS Media
Дитмар Шантин, Консултант за медиуми/IFMS Media

Во битката со лажните содржини, Шантин посочува дека водечка улога треба да имаат медиумите.

Луѓето треба повторно да ни веруваат дека всушност ние сме извор на веродостојни информации

„За медиумите е битно да изградат доверба. Луѓето треба повторно да ни веруваат дека всушност ние сме извор на веродостојни информации и содржини. Дека, што и да објавиме, е двојно проверено и точно. Тогаш луѓето, да се надеваме, дека не би ни се вратиле само нам и нема да не веруваат во ништо што е објавено на социјалните мрежи, туку, преку нашите содржини ќе проверуваат дали е нешто точно или не“, вели експертот.

Вештачката интелигенција забрзано влегува и во медиумските организации. На новинарите не им е забрането да користат разни алатки од новата технологија.

Сепак, Шантин потсетува:

„Тоа исто така значи дека и ние треба да бидеме внимателни како ја користиме вештачката интелигенција. Треба да сме одговорни при користењето на новите технологии“, заклучува Дитмар Шантин.

XS
SM
MD
LG