Линкови за пристапност

Дали дијаспората треба да гласа?


Eкспертите анализираат: Што е придобивката, а што штетата од гласањето на македонските иселеници?

Денеска истекува рокот во којшто, според Договорот од Пржино, политичките партии треба да ги усогласат изборните регулативи според кои во април следната година во Македонија ќе се одржат предвремени парламентарни избори, како еден од начините за излез на земјата од политичката криза.

Едно од прашањата за кои со недели се преговара во работните групи е: Дали дијаспората треба да гласа?

И додека власта и опозицијата се со дијаметрално спротивни ставови „за“ и „против“, експертите се обидуваат да ги анализираат причините – што е придобивката, а што штетата од гласањето на нашинците во светот.

Она со што сите се согласуваат е дека изборот на пратениците од дијаспората е направен со нееднаков број на гласови како што е во матичната земја.

„Објективно, нелогично е да се вклучува дијаспората. Условите се тука поинакви, не е можно технички да се одржат транспарентни избори. Нема кредибилитет пратеник избран со 500-600 гласови, да одлучува за што било“, смета универзитетскиот професор Мерсел Биљали.

И за потпретседателот на Државната изборна комисија, Супхи Јакупи, ова е клучниот проблем на кој треба да се одговори, пред да се одлучи дали дијаспората ќе гласа или не.

„Препораките на ОБСЕ ОДИХР се токму тука - бараат еднаквост на глас и треба да се најде начин како да го уредиме овој процес. Мислам дека тоа е во агендата на работната група за што навистина мора се најде начин, доколку останува одлуката да гласа дијаспората“, вели Јакупи.

За Илина Мангова, експерт по меѓународни односи од Институтот за демократија, која работела на повеќе истражувања, има еден предуслов пред да се одлучи дали ќе гласаат македонските државјани надвор од татковината.

„Ако сака да продолжи да го реализира овој начин на гласање, треба да спроведе попис на нејзините државјани во странство, да собере веродостојни, нови податоци колку се и каде живеат и потоа да навлезе во диксусија како да се реализира можноста тие да го остварат ова свое право“, вели таа.

И за Дарко Алексов, претседател на граѓанската асоцијација „Мост“, клучот е во регистрацијата на гласачите. „Ако има политичка волја, можно е навреме да се спроведе т.н. активна регистрација на гласачите и така да се врати довербата во избирачкиот список“, вели Алексов, додавајќи дека во случај да нема политички договор за ваква регистрација на гласачите, тогаш тоа може да се постигне со „статистичка проверка во комбинација со теренска проверка на податоците од избирачкиот список“.

Очекувано, најголема поддршка за тоа дијаспората да има право на изборен глас, доаѓа од организациите и нашинците – активисти од странство.

„Насоката треба да биде кон тоа како да се олесни начинот на гласање во дијаспората, преку електронско гласање или, преку пошта. Прашањето не е дали треба или не треба дијаспората да гласа. Секој граѓанин на Република Македонија надвор од Македонија го има правото на глас загарантирано со Устав“, смета Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора.

„За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во евроатлантските институции како НАТО и ЕУ“, додава тој.

За Мане Јаковлески, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и активист во дијаспората, „да се одземе правото на глас на дијаспората е најглупаво нешто што може да се случи“.

„Ако дијаспората има право да инвестира во Македонија, да ги вложи своите тешко заработени пари, најглупаво ќе биде да се укине нејзино гласање. Секој почеток е тежок, може да се измени начинот на гласање, пример може да се направи дијаспората да не мора да гласа во конзуларните преставништва, туку да може по електронски пат да се одвива гласањето, но во никој случај не и да се одземе правото тие да гласааат“, вели тој.

На последните парламентарни избори, дијаспората избра тројца пратеници од три изборни единици – Америка, Европа и Австралија. Многумина експерти веднаш предупредија на нерамноправност на гласот, односно дека тројцата избрани пратеници, влегле во Парламентот со многу помалку гласови одошто нивните колеги избрани во земјава. Исто така, за многумина беа спорни и трошоците што од буџетот се издвојуваат, како за спроведување на гласањето надвор од државата, но и за престојот на овие пратеници во Македонија.

На три причини поради кои гласањето на дијаспората е спорно, тогаш потсети и Институтот за истражување политики и добро владеење, при што во заклучоците констатира дека „изборот на пратеници од дијаспората создава нееднаква вредност на гласовите во дијаспората и во Македонија, односно го доведува во прашање легитимитетот и нееднаквоста на правото на глас, а воедно овој процес е скап во ситуација кога Македонија се наоѓа во економска криза“.

XS
SM
MD
LG