Велика Британија во понеделникот започна да ги администрира првите дози на вакцината за коронавирус на АстраЗенека. 82-годишен пациент на дијализа во болницата Черчил во Оксфорд е првото лице кое е инокулирано со вакцината.
Британските власти соопштија дека половина милион дози од вакцината се подготвени за употреба.
Вакцината АстраЗенека е поевтина и полесно се транспортира од вакцината Фајзер-БиоНТех затоа што не треба да се чува на екстремно ниски температури. Вакцината на Фајзер веќе е дадена на многу здравствени работници во Велика Британија и во САД.
Вакцинирањето во понеделникот доаѓа во време кога Велика Британија доживува наплив на случаи со коронавирус, особено новата варијанта за која научниците веруваат дека е позаразна.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, предупреди во неделата на нови мерки на затварање што ќе важат за целата држава.
„Ние сме целосно определени да сториме што е потребно за да се стави вирусот под контрола, што може да вклучува поостри мерки во следните недели“, изјави Џонсон за Би-Би-Си.
Грчкото Министерство за здравство потврди четири случаи на новата варијанта на вирусот во неделата кај луѓе кои неодамна патувале во Велика Британија.
Во неделата, Индија одобри за итна употреба на истата вакцина, АстраЗенека, што ја користи Британија.
Индија одобри и вакцина развиена во Индија за итна употреба, но некои медицински експерти изразија загриженост во врска со брзото одобрување на домашно произведената вакцина.
Мрежата за акција против зависност од дрога во Индија го постави прашањето за недоволна транспарентност на Индија за домашно произведената вакцина и малкуте на информации за ефикасноста на лекот.
Индија во понеделникот соопшти дека имало пријавени повеќе од 16.500 нови инфекции со Ковид во изминатите 24 часа.
Индија е втора по САД по бројот на случаи со Ковид. Индија има 10,3 милиони случаи, додека САД 20,6 милиони, според Центарот за коронавирусот на Џонс Хопкинс, кој ја следи глобалната епидемија.
Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети, во неделата на Си-Би-Ес телевизијата изјави дека во неговиот град некој е заразен со коронавирус на секои шест секунди. Тој предупреди дека она што се случува во Лос Анџелес „може да е и во многу заедници во Америка“.
Центрите за контрола и превенција на болести со седиште во Атланта во саботата соопштија дека САД администрирале повеќе од 4,2 милиони дози на вакцини за Ковид-19 на национално ниво и дистрибуирале повеќе од 13 милиони.
Во Русија, министерот за здравство Михаил Мурашко рече дека повеќе од 800 000 луѓе примиле домашно произведена вакцина Спутник V и дека се дистрибуирани 1,5 милиони дози низ целата земја од 147 милиони население.
Кремљ се надева на масовни вакцинации, а не на национални мерки на затварање, за да се запре ширењето на вирусот и да се спаси економијата од нов удар заради коронавирусот.
Официјални лица во Бразил, трета по ред држава со најголем број случаи глобално гледано, со 7,7 милиони, неодамна изјавија за Асошиејтед Прес дека земјата е најмалку три недели далеку од започнување каква било формална кампања за имунизација.
Колумбија ќе затвори три населби во Богота, главниот град, од вторник, во обид да го запре напливот на случаи со Ковид.
Јужноафриканските лидери во неделата објавија дека се надеваат оти ќе започнат да го вакцинираат своето населениењ во февруари.
Во Зимбабве, каде регистрираните случаи се удвостручија од почетокот на ноември, владините претставници наредија нови мерки на затварање во саботата вечерта. Земјата досега има забележано близу 14.500 случаи, вклучително и 377 смртни случаи, според Џонс Хопкинс.
Во Јужна Африка, безбедносните сили поддржани од владата го засилија „пристапот на нулта толеранција“ за спроведување на задолжителното носење маска, а претседателот Сирил Рамафоса забрани продажба на алкохол, нарекувајќи ја основна причина за несреќи и насилство што ги оптоварува болничките ресурси.
Коронавирусот уби повеќе од 1,8 милиони луѓе на глобално ниво од појавата на истиот Џонс Хопкинс.
Експертите стравуваат дека најлошото допрва следува, предвидувајќи нагло зголемување на случаите и смртност по повеќенеделните празнични собири.