Линкови за пристапност

Пелоси и Шумер на средба во Белата куќа да преговараат за нов економски пакет за граѓаните


Целта е да се постигне договор пред Конгресот да замине на тринеделен одмор во август

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, денес имаат средба во Белата куќа, да разговараат за новиот финансиски пакет за справување со здравствените и економски последици од пандемијата.

Тие треба да се сретнат со секретарот за финансии Стивен Мучин, и со привремениот шеф на кабинет во Белата куќа Марк Медоус.

Причината за ваквата средба е зголемениот број на заразени во САД, со повеќе од 66.000 нови случаи дневно минатата недела, како и оти на крајот на месецот истекуваат федералните чекови од 600 долари неделно, кои ги добиваат милиони невработени лица.

Трамп и републиканците во Конгресот, допрва треба да постигнат консензус со демократите, за тоа што треба да опфаќа новиот пакет помош, и колку пари треба да се потрошат.

Целта е да се постигне договор пред Конгресот да замине на тринеделен одмор во август, оти потоа нема да се врати на работа до септември.

Трамп и Мучин, вчера, се сретнаа со лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел и со лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Кевин Мекарти, по што Мучин рече дека новиот пакет ќе биде насочен кон враќање на децата во училиште, работни места и кон вакцини.

Трамп повика на привремено кратенење на данокот од 7,65 проценти од платите на рабитниците, но, тој не би опфатил повеќе од 17 милиони невработени лица.

Демократите, пак, сакаат да ги продолжат неделните чекови од 600 долари до крајот на 2020, како и да обезбедат поголема помош за сојузните и локалните власти да се справат со пандемијата.

Дел од републиканците сакаат да ги скратат дополнителните федерални чекови, бидејќи сметаат дека некои лица заработиле повеќе пари како невработени, отколку како вработени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG