Линкови за пристапност

Администрацијата на Трамп не планира да ги продолжи федералните мерки за социјално дистанцирање


Тие истекуваат денес

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп не планира да ги продолжи федералните мерки за социјално дистанцирање, чиј краен рок е денес, фокусирајќи се на напорите да работи со сојузните држави на отворање на државата.

Гувернерите одлучуваат кога и со која брзина ќе ги олабавуваат рестрикциите за несуштинските бизниси, групни собирања, како и за наредбите за седење дома.

Трамп вчера рече дека мерките кои беа воведени на средината на минатиот месец постепено ќе се намалуваат, додека администрацијата се консултира со гувернерите за нивните планови.

Здравствените официјални лица предупредуваат за прерано „враќање во нормала“ на државата, велејќи дека на тој начин се зголемува ризикот за нов бран заразени со вирусот.

Некои сојузни држави веќе дозволуваат одредени бизниси да бидат повторно отворени, применувајќи ги мерките за социјално дистанцирање како, на пример, доволно растојание меѓу маси во рестораните, додека некои најавуваат олеснување на мерките во наредните недели.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусам, планира да ги затвори плажите и парковите в петок, откако десетици илјади граѓани минатиот викенд не ги почитуваа наредбите за седење дома.

Градоначалникот на Лос Анџелес, пак, најави дека ги зголемува капацитетите за тестирање, и ги повика сите што сакаат да се тестираат тоа да го направат.

Планови за релаксирање на рестриктивните мерки има и во други држави во светот, а Финска е најнова европска држава која најави отворање на училиштата.

Бројот на заразени на светско ниво досега изнесува околу 3.2 милиони лица, со повеќе од 227.000 мртви, согласно податоците на универзитетот Џонс Хопкинс.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG