Линкови за пристапност

Рекорден пад на економијата во еврозоната од 12,1 проценти


Економистите велат дека ова ќе биде најголем пад, со оглед на тоа што државите почнале со олеснување на рестрикциите, објави Асошиетед прес

Економијата во 19 држави во еврозоната се намалила за 12,1 проценти во периодот од април до јуни, во споредба со претходниот квартал, објави Асошиетед прес.

Според извештајот, ова е најголем пад по затворањето на бизнисите и намалување на потрошувачката како последица на пандемијата на коронавирусот.

Економистите велат дека ова ќе биде најголем пад, со оглед на тоа што државите веќе почнале со олеснување на рестрикциите, иако велат дека заздравувањето и обновувањето на економиите ќе се одвива бавно, како што постои ризик од нови бранови на зараза.

Шпанија, која заедно со Италија беа меѓу првите најпогодени од ширењето на вирусот во регионот, доживеа најтежок економски пад од 18,5 проценти. Франција, Италија и Португалија, исто така, забележаа голем пад.

За еврозоната во целина ова беше најголем економски пад од 1995 година. Пошироко, Европската Унија, во која не сите земји-членки користат евро, регистрираше пад од 11,9 проценти.

Европските влади се справуваат со рецесијата со масовни стимулативни мерки. Лидерите на ЕУ се согласија да одобрат фонд од 750 милијарди евра за поддршка на економијата и наредната година.

И Европската централна банка обезбеди 1,35 трилиони евра за помош на економијата.

Овие мерки помогнаа да нема големо зголемување на стапката на невработеност, која се искачи на 7,8 проценти во јуни, од 7,7 проценти колку што изнесуваше во мај.

Сепак, илјадници бизниси се трајно затворени и покрај економската стимулација.

Економистите велат дека падот бил најголем во април и мај, кога рестрикциите биле најстроги. Сега, со олеснување на мерките, бизнисот во Германија, најголемата економија во еврозоната, почнал да се зголемува три месеци по ред.

Но, според нив, враќањето на економијата во ситуација како пред коронакризата ќе трае долго и бавно, дури и до 2022 година и подолго.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG