Линкови за пристапност

Кантримен вели дека двете влади во спорот со името премногу се потпираат на САД


Кантримен вели дека двете влади во спорот со името премногу се потпираат на САД
Кантримен вели дека двете влади во спорот со името премногу се потпираат на САД

Останува на двете влади да кажат колку се блиску или далеку во однос на решението, оценил Кантримен

Останува американската поддршка за Македонија на патот кон НАТО и ЕУ и охрабрувањето до обете страни за решавање на спорот за името. За ова и за очекувањата од скорешниот самит на НАТО во Лисабон во однос на Македонија, заменик помошникот на американскиот државен секретар Томас Кантримен говорел на синоќешниот брифинг со новинарите во Амбасадата на САД во Скопје.

Како што пренесуваат денеска медиумите, Кантримен рекол дека САД се вклучени во напорите на двете влади да комуницираат една со друга, но не и во процесот на преговори, и дека решението треба да го најдат Скопје и Атина. Тој во оваа прилика ги посочил напорите на Даниел Фрид, кого го нарекол „еден од најдобрите американски дипломати“, кои за жал не успеале, не затоа што тој не се обидел доволно, туку затоа што проблемот е тежок.

„Верувам дека успехот ќе дојде од двете страни. Од напорите од минатото вклучувајќи ги и големите залагања на Фрид во 2008, се чини дека двете страни премногу се потпираат на САД, а не доволно на самите себе. Верувам дека е можно решение, САД даваат поддршка и доколку е неопходно ќе бидеме поактивно вклучени во процесот. Но, тоа нема јавно да го соопштиме бидејќи повидливата вклученост не носи секогаш успех“, рекол Кантримен.

Не сакал да дава оценка за тоа дали има напредок во преговорите на релација Скопје-Атина, туку, како што се пренесува, им верува на двете страни.

„Ние сме пријатели и го прифаќам искажувањето на Владата дека работат на случајот. Ги прифаќаме и изјавите на грчката Влада дека се сериозни во напорите за изнаоѓање решение. Неопходно е двете влади да бидат сериозни, но тоа не е доволно, се` уште е тешко. Веруваме во сериозноста на двете влади во нивната подготвеност да се справат со ова прашање. Останува на двете влади да кажат колку се блиску или далеку во однос на решението“, оценил Кантримен, притоа повикувајќи ги двете влади да се фокусираат во разговорите на она што е можно отколку на она што не е.

Втората порака што американскиот дипломат им ја пренел на властите во Скопје, за време на неговата прва посета на земјава, според медиумите е дека фокусираноста на прашањето за името не смее да го намали вниманието на власта кон други важни цели како што е продолжување на имплементација на Охридскиот договор, за што изразил задоволство, бидејќи сите партии и од власта и од опозицијата го поддржуваат.

„Најважното прашање за секоја држава од регионот не се границите, Уставот, статусот и името, туку владеење на правото. Еден ден прашањето за името ќе биде решено, Македонија ќе биде во НАТО и ќе работи на интеграцијата кон ЕУ. Силно веруваме дека за Македонија и секоја друга држава во регионот најтешкиот дел од тој пат ќе биде постигнување на европските стандарди во делот на владеење на правото, независноста на судството и почитување на човековите права“, истакнал тој.

За очекувањата од претстојниот самит на НАТО во Лисабон во однос на Македонија, Кантримен, на брифингот според оценката на медиумите бил воздражан и со дипломатски одговор, дека не знае дали ќе има важна вест или не, но дека тоа зависи од владите на двете земји и од решавањето на спорот за името. Според него, не постои непосредна опасност или криза, но верува дека со приемот на Македонија во НАТО ќе се унапреди стабилноста не само на земјата, туку и на регионот.

XS
SM
MD
LG