Додека зад кулисите на политичката сцена со денови се шпекулира со имињата на министри, заменици, државни секретари и директори, градоначалници или високи функционери во владеачката СДСМ, кои на почетокот на следниот месец, наводно ќе ги опфати најавената „метла“ на премиерот Зоран Заев, се чека и разврската на некој од случаите кои амбициозно ги отвори новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси.
Претседателката Билјана Ивановска, која има богато искуство како ревизор, по изборот пред три месеци, најави дека новиот состав на ДКСК ќе работи на јакнење на општествената и личната свест за корупцијата како тешка болест што го попречува владеењето на правото, демократијата и остварувањето на човековите права.
„Корупцијата ја урива стабилноста на институциите и ги продлабочува и ги руши моралните корени во нашето општество, присутна е сè повеќе секојдневно, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и систем на интегритет, сè повеќе ја толерираат и ја прифаќаат како начин за остварување на своите цели. Сметам дека ние треба да ги воспоставиме овие системи што ни недостигаат, да ја развиеме општествената и личната свест на начин што ќе работиме одговорно, транспарентно, професионално и законски“, порача тогаш Ивановска.
По претставките на ВМРО-ДПМНЕ, ДКСК отвори и постапки против премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Антикорупционерите отворија четири предмети за премиерот Заев во кои ќе истражуваат наводи за евентуална корупција: „Глобал“, „Едно евро - корупција“, „Бугарски фирми на Заев“, како и за продажбата на земјиште во струмичката касарна, сите од периодот кога актуелниот премиер бил градоначалник на Струмица. Против вицепремиерот Анѓушев е покрената постапка поради сомневање дека под закуп дал градежно земјиште во Дреново, за изградба на хидроцентрала, со непосредна спогодба со фирма во која е еден од сопствениците, а управител е неговиот брат.
„Мислам дека е сосема нормално, Државната комисија за спречување на корупцијата да покренува случаи против највисоки функционери во власта. Впрочем, тоа е и главната задача на оваа комисија која претставува еден од најистурените контролни механизми. Токму високите функционери во власта се оние кои најлесно можат да ја употребат функцијата на која се наоѓаат во коруптивни цели и за лични бенефиции“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, професорката д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права и една од најжестоките критичарки на јавната сцена во Македонија, по повод полемиките кои во јавноста ги предизвикаа актуелните случаи на антикорупционерите.
Во својот 17-годишен стаж, ДКСК раководена од разни претседатели, отвораше стотици предмети, но изгради имиџ на неделотворна комисија која не може ниеден случај да доведе до финализација и судска предуда. Цела деценија наназад ДКСК немаше речиси никаква конкретна активност, а за затворањето на очите пред реалноста, како најилустративен пример, ќе остане барањето на последниот експретседател кој „најљубезно ги замоли“ новинарите, да го затворат прашањето за имотната состојба на премиерот Никола Груевски „за век и веков“.
Новиот состав на Комисијата, вети сосема поинаков пристап со кој ќе се почитуваат законите и нема да има селективна правда. Според медиумите, антикорупционерите наплатиле глоба од околу 220.000 денари од 29 прекршочни постапки, но експретседателот Ѓорге Иванов, на пример, сè до последниот работен ден, не ја платил казната изречена од ДКСК.
Доколку се заврши само на бомбастични почетоци, без сериозен завршеток (независно од тоа дали ќе биде откриена корупција или не), Комисијата уште на почетокот од своето работење ќе го изгуби кредибилитетот и довербата на граѓаните.Проф. д-р Мирјана Најчевска
На прашањето на Гласот на Америка на македонски, дали според неа, досега се работи за вртење на нова страница во работењето на Комисијата или за уште еден популистички потег со кој треба да се убеди македонската јавност дека актуелната власт ќе се пресметува со „мангупите во своите редови“, како обид за нејзино дефокусирање, професорката Најчевска, под чија опсервација редовно се постапките и делувањето на носителите на јавни функции кои не се во согласност со законите и етничките норми, вели: „Одговорот на ова прашање ќе го дознаеме дури по завршувањето на преземените активности и заокружувањето на започнатите истраги. Доколку се заврши само на бомбастични почетоци, без сериозен завршеток (независно од тоа дали ќе биде откриена корупција или не), Комисијата уште на почетокот од своето работење ќе го изгуби кредибилитетот и довербата на граѓаните.“
А на прашањето, дали според искуството, има место за оптимизам дека најавените случаи ќе имаат и правна разврска, нашата соговорничка беше децидна: „Имајки го предвид работењето на сите претходни комисии, јас не очекувам некои спектакуларни промени. Меѓутоа, дури и препознавањето на прекршувањето на законите и изрекувањето на глоби е добар почеток. Самото тоа што претседателот на државата бил ставен на тапет и повикан на одговорност е некаква промена која ја отвора вратата за идна сериозна работа на комисијата. Она што во моментот недостатува според мене е помоќен и поагресивен настап на комисијата и искористување на сите алатки кои им стојат на располагање.“
Комисијата отвори случаи и против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, како и против Ирена Пановска, в.д директорка на Клиниката за хематологија и ќерка на сопственик на голема веледрогерија, за наводни спорни набавки. Во случајот на Вангеловски ќе се истражува набавката на возило „БМВ“ во вредност од 40.000 евра и евентуалната злоупотреба на набавката за лична корист, а градоначалникот Мерко, ќе се истражува за набавка на четири возила во вредност од 114.000 евра, меѓу кои и „Ауди А6“ во вредност од 67.000 евра.
ДКСК покрена прекршочни постапки и за бројните случаи на непотизам и спорни вработувања на роднини на пратеници и на носители на други јавни функции, што доведоа и до повлекување на дел од тие лица од работните места.
„Сметам дека секое вработување на роднина на функционер кој актуелно е во власта, мора да биде третирано максимално претпазливо и со огромен сомнеж. Во ваквите ситуаци не мислам дека е доволно вработувањето да биде врз основа на закон, односно, работодавачот да се задоволи со тоа дека лицето ги исполнува условите. Она што мора да се направи е за секој ваков случај да се докаже потребата од вработување, соодветноста на конкурсот со искажаните потреби за вработување и детално образложение на постапката со објаснување зошто токму тој, а не некој друг кандидат е вработен“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, професорката Најчевска.
„Повикувањето овие луѓе да дадат оставка без преиспитување на постапките, уделот на раководните лица кои се појавуваат како работодавачи и евентуалниот удел на Министерството за финансии во издвојувањето средства токму за овие вработувања, е чист популизам и замачкување на очите на јавноста. Ова нема врска ниту со демократија ниту со правна држава.“, децидна е д-р Најчевска.
Facebook Forum