Линкови за пристапност

Коми сведочи втор ден


Директорот на ФБИ ќе одговара на прашања за наводното руско мешање во изборите

Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми денеска зад затворени врати ќе сведочи пред Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, како дел од истрагата за активностите на Русија за време на минатогодишните избори во САД.

Коми пред Комисијата за правосудство на Сенатот вчера рече дека „чувствува мачнина“ од помислата дека неговата агенција можела да има влијание Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД, по повторното отворање на истрага за Хилари Клинтон, и тоа на само неколку дена пред гласањето.

Коми изјави дека имал дилеми пред да ја обнови истрагата во врска со постапката на Клинтон со доверливите информации на нејзиниот приватен сервер во времето кога била државна секретарка. Повторното отворање на истрага се случи неколку месеци откако ФБИ претходно утврди дека немало никакво прекршување на законот.

Коми кажа дека заклучил оти би било „катастрофално“ да се кријат информации, откако Конгресот пред тоа бил уверен дека истрагата веќе била завршена.

„Тоа беше тежок избор, но јас се` уште верувам дека беше правилен“, рече тој.

ФБИ обично не објавува истраги за кандидатите непосредно пред изборите, за да не влијае на исходот. Но, Коми рече дека тој „ни за момент“ не помислил дека новата истрага може да му помогне на Трамп да ја порази Клинтон на ноемвриските избори.

Коми обновената истрага ја објави 11 дена пред изборите, откако истражителите пронашле илјадници електронски пораки на Клинтон од времето кога раководела со Стејт департментот. Пораките биле на компјутерот на поранешниот конгресмен Ентони Вајнер, сопруг на помошничката на Клинтон, Хума Абедин.

Во вторникот, Клинтон делумно го обвини Коми за нејзиниот пораз на изборите.

(Кен Бредмаер)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG