Линкови за пристапност

Клинтон потврди дека ја освоила демократската претседателска номинација


За прв пат во историјата, жена ќе претставува поголема политичка партија во трката за Белата куќа

Веејќи го американското знаме, поранешната државна секретарка пред симпатизерите во Бруклин истакна дека за прв пат во историјата на САД, жена ќе биде номинирана за претседателската функција од редовите на една од двете најголеми политички партии во земјата.

Клинтон победи на прелиминарните избори во Јужна Дакота, Њу Мексико и Њу Џерси. Нејзиниот ривал, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс го освои мнозинството гласови во Северна Дакота и Монтана.

Според медиумските извештаи, клинтон веќе ја има поддршката на 2,383-те делегати, потребни за ниминацијата. Овде се вклучени и 571 таканаречените „суперделегати“, кои имаат слободен избор да бидат зад кој било кандидат, но веќе ја ветија поддршката за Клинтон. „Суперделегатите“ мошне ретко се предомислуваат.

Претседателот Барак Обама телефонски разговараше и со Клинтон и со Сандерс. Тој и` честиташе на Клинтон за мнозинството делегати, а на сенаторот Сандерс му се заблагодари за мобилизирањето на милиони Американци и за обрнување внимание по прашањата како борба против економската нееднаквост.

Сандерс пред симпатизерите во Калифорнија кажа дека и` честитал на Клинтон за победите, осврнувајќи се на потребата за меѓусебна соработка за да се порази Доналд Трамп. Тој сепак не ја потврди нејзината најверојатна номинација и не даде индикација дека ќе се повлече од трката, ветувајќи дека ќе продолжи да се бори.

Резултатите од изборите во Калифорнија се` уште не се познати, а номинирањето нема да биде официјално се` до гласањето на конвенцијата на демократите во јули.

Од републиканска страна, најверојатниот претседателски кандидат Доналд Трамп во говор пред своите симпатизери, остро ја критикуваше Клинтон, обвинувајќи ја за, цитираме, продавање на пристапот на Стејт департментот кога била државна секретарка. Тој кажа дека целта му е да ги обедини луѓето, ветувајќи дека нема никогаш да се повлече од борбата или да ги изневери своите поддржувачи.

Ова се последните поголеми прелиминарни избори во САД пред одржување на партиските конвенции.

XS
SM
MD
LG