Линкови за пристапност

Клинтон бара поголема координација против тероризмот во Африка и на Блискиот Исток


Предлага користење и на армиската, и на цивилната моќ.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон смета дека има потреба од поголема меѓународна соработка против тероризмот во Африка и на Блискиот Исток. Иако јадрото на Ал-Каида што ги изврши нападите врз САД во 2001-ва е на добар пат да биде поразено, и натаму постои директна опасност поради тоа што терористите стануваат географски се` поразновидни, смета Клинтон, која говореше на глобална конференција за контратероризам во Истанбул.

„Терористите во моментов држат територии во Мали, Сомалија и Јемен, изведуваат чести и дестабилизирачки напади во Нигерија и Магреб. Тука, во Турција, на пример, ПКК продолжува со долгата кампања на тероризам и насилство што однесе илјадници животи“, рече државната секретарка.

За да ја поразиме терористичката мрежа, треба да сториме многу повеќе од само отстранување на терористите од бојното поле. Треба да ја нападнеме нивната финансиска моќ, засолништата и регрутните центри.
Хилари Клинтон, американска државна секретарка

За да се совлада терористичката опасност, Клинтон на конференцијата побара поголема меѓународна соработка со користење и на армиската, и на цивилната моќ, разузнавањето, полицијата, дипломатијата, хуманитарната и развојна помош.

„За да ја поразиме терористичката мрежа, треба да сториме многу повеќе од само отстранување на терористите од бојното поле. Треба да ја нападнеме нивната финансиска моќ, засолништата и регрутните центри. Потребно е да ја соголиме нивната идеологија и да намалиме нејзината привлечност, особено меѓу младите. Потребно е да ги подобриме условите за жените. Потребно е да помогнеме во капацитетот на земјите кои изразиле политичка волја да водат борба“, подвлече Клинтон.

Според првиот американски дипломат, народните протести ширум Северна Африка и Блискиот Исток задале голем удар на екстремистичката идеологија, со тоа што граѓаните бараат поодговорно владеење и пошироки економски можности, без реторика на омраза и уништување за кои Ал- Каида тврди дека се единствениот начин да се направи промена.

Клинтон рече дека Вашингтон ќе продолжи да го употребува правото да употреби сила против организациите како Ал-Каида кои веќе нападнале, но кои се` уште се закануваат дека ќе нападнат.
XS
SM
MD
LG