Линкови за пристапност

Подеста: ФБИ води истрага за хакерски напад врз електронски пораки


Претседателот на кампањата на Клинтон вели дека Русија можно е да е вмешана во најновите активности, тврдење што го порекна шефот на руската дипломатија Лавров.

Претседателот на кампањата на демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон, Џон Подеста, кажа дека Федералното истражно биро (ФБИ) води истрага за можна вмешаност на Русија во хакерски напади на неговите електронски пораки, тврдење кое го порекна шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Викиликс“ изминатиот петок почна да ги објавува содржините на илјадници приватни електронски пораки на Подеста, откако врз нив беше извршен хакерски напад.

Тој додаде дека помага во текот на истрагата и дека „воопшто не е коинциденција што пораките се обелоденети кусо време по објавувањето на видео лентата на која републиканецот Трамп дава непристојни коментари за жените.

Подеста изјави и дека долгогодишниот советник на Трамп, Роџер Стоун „претходно знаел“ дека електронските пораки ќе бидат обелоденети. Стоун потврди дека е во контакт со основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, а преку твитер порака во август, кажа дека „Викиликс“ би извршил „напад“ врз Клинтон и Подеста.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, порекнува вмешаност на Москва во „протекувањето“ на поштата. Во интервју за ТВ-мрежата ЦНН, тој тврдењата ги нарече „смешни“, додавајќи дека „секако ласкаво е да се добие вакво внимание“.

Подеста кажа дека истрагата е дел од поширока операција на ФБИ околу хакерските напади на електронската пошта на Демократската партија, за кои е осомничена Русија. Тој исто така изјави дека Русија можно е да се обидува да влијае врз исходот на претседателските избори во САД, наклонувајќи се кон Доналд Трамп, кој има кажано дека и` се воодушевува на силата на рускиот претседател Владимир Путин, споредено со, како што ги нарече, слабите лидери во Вашингтон.

Кампањата на Клинтон не ја потврдува автентичноста на електронските пораки на Џон Подеста, додавајќи дека руските хакери честопати и фалсификуваат документи.

XS
SM
MD
LG