Хилари Клинтон ја прифати номинацијата на Демократската партија за претседател во четвртокот навечер, со порака која ја нагласува потребата за обединување со цел да се конфронтираат предизвиците на нацијата.
„Навистина зависи од нас. Ние треба да решиме дали ќе работиме заедно за да се издигнеме заедно“, рече Клинтон во обраќањето на последната ноќ на Демократската национална конвенција во Филаделфија.
Шеесет и осумгодишната Клинтон е прва жена воопшто номинирана за претседател од голема политичка партија во САД. Таа ја доби номинацијата откако го порази нејзиниот главен ривал, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, во процес на прелиминарни гласања и кокуси од држава до држава.
И покрај тоа што Сандерс и` ја даде поддршката во неговиот говор на конвенцијата неделава, еден од нејзините предизвици пред ноемвриските избори е да ја добие поддршката на група на негови поддржувачи кои велат дека нема да гласаат за неа. Таа го фалеше Сандерс за неговата кампања нагласувајќи ја неговата атрактивност за младите луѓе и напорите за промовирање на економска и социјална правда.
„Сакам да знаете дека ве слушнав“, рече Клинтон. „Вашата кауза е наша кауза“.
Таа вети дека ќе работи да креира повеќе работни места со поголеми плати, велејќи дека државата е успешна кога средната класа живее добро. Клинтон исто така рече дека нема интерес да го одземе оружјето од луѓето, туку дека сака да внесе реформи да спречи луѓе да бидат застрелани од оние кои не требало да имаат пристап до оружје.
„Мора да ги заздравиме поделбите во нашата држава, не само во однос на оружјето, туку по прашањето на расата, имиграцијата и друго“, рече таа. „А тоа почнува со слушање, треба да се слушаме меѓусебно, да се обидеме колку подобро можеме да одиме во чевлите на другиот“.
Предизвикувач на Клинтон на општите избори е републиканскиот номиниран кандидат Доналд Трамп. Двајцата кандидати страдаат од негативна перцепција меѓу гласачите, како што покажаа многубројни истражувања на јавно мислење изминатава година. Истите анкети покажуваат дека околу 30 проценти од гласачите на Клинтон гледаат како на кандидат на кој може да му веруваат, а едно истражување, направено од Галуп, покажа дека таа е најобожуваната жена во државата.
По говорот на Клинтон, Трамп постираше голем број пораки на Твитер, вклучувајќи и тоа дека таа не е погодна за претседател заради „одбивањето да го спомене радикалниот Ислам“ додека се залага за дозволување повеќе бегалци да влезат во САД.
Гласачите ќе го кажат својот збор на 8-ми ноември, а новиот претседател ќе стапи на функцијата на 20-ти јануари.