Линкови за пристапност

Повици за кривичен прогон


Застапници за човекови права реагираат на Сенатскиот извештај и на наводите дека ЦИА малтретирала притвореници

Застапниците за човекови права бараат кривично гонење на официјални лица поврзани со екстремните методи на испрашување на осомничени лица од страна на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).

Бен Емерсон, специјалниот пратеник на ОН за човекови права и контратероризам, изјави дека Сенатскиот извештај за постапките на ЦИА по нападите на 11-ти септември 2001-ва „ја подвлекува потребата од земање на кривична одговорност“.

Кенет Рот, извршниот директор на Хјуман рајтс воч, чие седиште е во САД, рече дека тортурата „ќе остане `политичка опција` за наредните претседатели“ освен доколку не биде спроведен кривичен прогон на официјални лица.

Сенатската комисија за разузнавање вчера издаде резиме на подолг извештај, наведувајќи дека ЦИА малтретирала притвореници за време на испрашувањето. Комисијата ја товари ЦИА дека го лажела Конгресот и Американците за ефикасноста на таканаречените „техники на зајакнато испрашување“ што вклучувале притвор во исклучително мали ќелии, лишување од спиење и симулирање на давење во вода.

Демократката Дајен Фајнстејн, којашто претседава со Сенатската комисија за разузнавање, рече дека „согласно вообичаеното значење на терминот, ЦИА ги измачувала притворениците“. Таа каа дека постапките на ЦИА се дамка врз американските вредности.

Претседателот Барак Обама за ТВ-станицата на шпански јазик Унивизион кажа дека САД биле вклучени во брутални постапки. Тој рече дека тоа биле ужасни грешки што не треба да се повторат.

Во вашингтонските кругови се појави и прашањето дали било мудро извештајот да се објави токму сега, кога САД се на чело на борбата против Исламската држава, а извесен број на Американци се држат како заложници во странство. Целата ситуација роди и загриженост дека екстремистите би возвратиле со насилство.

Обама рече дека не постои идеално време за објавување на ваков извештај, но и дека кога земјата ќе стори нешто што е погрешно, важно е тоа да се признае. Уште кога стапи на функцијата во 2009-та, тој ја забрани употребата на „техниките на зајакнато испрашување“. Неговиот претходник, Џорџ В Буш, ја одобри нивната употреба по нападите во терористичките напади 2001-ва, обидувајќи да се спречи нови. Но, во извештајот стои дека тој во детали не знаел што правела ЦИА.

Извештајот детално наведува бројни случаи во коишто осомничените биле „далкеку побрутално“ третирани отколку што претходно беше обелоденето. Меѓу нив се и „капење во мраз“, „ректална рехидрација“, како и закани дека физички ќе бидат повредени роднините на осомничените. Еден осомничен екстремист починал од замрзнување додека бил во притвор.

Сегашниот директор на ЦИА Џон Бренан кажа дека агенцијата „не секогаш се придржувала до високите стандарди што ги има поставено за себе“ .Но, тој го оспори сенатското тврдење дека грубите техники на испрашување не дале резултат, велејќи дека, напротив, тие помогнале да се спречат заговори, да се фатат терористи и да се спасат животи.

XS
SM
MD
LG