Линкови за пристапност

Според сенатски извештај, ЦИА измачувала осомничени терористи


Претседавачката на Сенатската комисија Дајен Фајнстејн говори за време на објавувањето на извештајот
Претседавачката на Сенатската комисија Дајен Фајнстејн говори за време на објавувањето на извештајот

Поранешниот директор Мајкл Хајден порекнува дека Агенцијата лажела за програмата

Американскиот Сенат соопшти дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) измачувала осомничени терористи по терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-ва година, додека вршела испрашувања што ги кршат вредностите на државата.

Сенатската комисија за разузнавање денес објави извештај за испрашувањата што ги вршела ЦИА, наведувајќи дека агенцијата ги малтретирала притворениците осомничени за тероризам, како и дека го лажела Конгресот и Американците за ефикасноста на таканаречените „техники на зајакнато испрашување“ што ги употребувала, меѓу коишто се лишување од спиење и симулирање на давење во вода.

Објавувајќи го извештајот, сенаторката Дајен Фајнстејн рече дека „согласно вообичаеното значење на терминот, ЦИА ги измачувала притворениците“.

„Извештајот покажува дека постапките на ЦИА пред една деценија се дамка врз нашите вредности и врз нашата историја“, кажа Фајнстејн.

Кога стана претседател во 2009-та, Барак Обама ги забрани техниките на зајакнато испрашување што ги одобри неговиот претходник Џорџ В. Буш по терористичките напади во 2001-ва, во коишто загинаа речиси 3.000 лица.

Веднаш по објавувањето на извештајот, сегашниот директор на ЦИА Џон Бренан призна дека во испрашувањето на осомничените терористи пред една година, агенцијата „не секогаш се придржувала до високите стандарди што ги поставивме за себе“. Но, тој кажа и дека ЦИА „научила од овие грешки“. Тој го оспори сенатското тврдење дека испрашувањата не дале резултат, велејќи дека напротив, тие „помогнале да се спречат планови за напад, помогнале да се фатат терористи и да се спасат животи“.

Поранешниот сиректор на ЦИА Мајкл Хајден порекнува дека агенцијата лажела за програмата. Тој кажа и дека објавувањето на извештајот само ќе ги одврати земјите коишто во минатото соработувале со Вашингтон во војната против тероризмот, да продолжат да соработуваат и во иднина.

Поранешниот ветеран на ЦИА Хозе Родригез, задолжен за испрашувањата, минатата недела во Вашингтон пост наведе дека тврдењето дека тие „не дале разузнавачка вредност е невидена лага; тоа е нечесен обид да се смени историјата“.

Американските дипломатски претставништва и армиските инсталации во странство денес пред објавувањето на извештајот веќе беа под зголемени мерки на безбедност.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест вчера изјави дека се преземени „сразмерни мерки“ за зајакнување на безбедноста во американските објекти во случај на насилни протести, иако генералните информации за техниките на испрашување веќе беа познати со години. Ернест рече и дека Обама верува дека е важно Америкаците да имаат што е можно појасен поглед во тоа што се случило.

Извештајот на Сенатот е прво јавно документирање на наводната употреба на торутура од страна на ЦИА врз осомничени припадници на Ал-Каида за време на, како што ја нарекуваше владата на Буш, глобалната војна против тероризмот.

XS
SM
MD
LG