Линкови за пристапност

Кина креира нови Патишта на свилата


Се` повеќе наметнувајќи го своето економско и воено влијание во Азија, Кина презема инвестиции и дава меѓународна помош и во Африка.

Кинески официјални лица последниве месеци промовираат воспоставување на два нови таканаречени Патишта на свилата – едниот е по земја, а другиот по море – за кои властите се надеваат дека натамошно економски ќе ја обединат Кина со други делови на светот.

Порано летово Кина беше домаќин на форум наречен Silk Road Economic Belt Media Cooperation во Пекинг, за кој државните медиуми кажаа дека е со намера да го „оживее Патот на свилата со охрабрување на меѓурегионален развој“.

Оригиналниот пат на свилата бил серија од стари трговски рути кои ги поврзувале големите економии на Азија со трговски партнери во Европа и на Медитеранот.

Алис Екман е истражувачка со експертиза за Кина во Францускиот институт за меѓународни односи.

„Гледаме инсистирање на концептот на поморски Пат на свилата што може да значи развој на специфична стратегија или фокус на изградба на нова оска што може да биде водач на регионална политика“, вели таа.

Таа додава дека стратегијата не е нова, но дека Кина го крена воспоставувањето на економските појаси на Патот на свилата на ниво на приоритет.

Таа мисли дека оваа тема е релевантна бидејќи самиот регион себе си официјално се претставува како приоритет, дури повеќе од времето на поранешниот кинески лидер Ху Џинтао.

Старите трговски рути Кина сега ги претставува како нов бренд за поттикнување на трговските врски и инфраструктурата низ регионот. Како што е замислен од кинеските официјални лица, новиот Пат на свилата по копно ќе минува низ Централна Азија до северен Иран и преку Ирак, Сирија и Турција, завршувајќи во Европа.

Поморскиот Пат на свилата ќе оди низ Теснецот Малака до Индија, Кенија и потоа на север околу Рогот на Африка преку Медитеранот пред да се соедини со копнениот Пат на свилата во Венеција.

Античките лидери на Кина презеле многу чекори за заштита на нивните трговски рути и да обезбедат трговијата да се одвива мазно, и набљудувачите велат дека новите рути не се разликуваат во тоа.

Екман вели дека Кина се` повеќе се наметнува себе си по должина на тие рути преку агресивни потези, како територијални конфликти во Јужното Кинеско Море, и меки потези, како зголеменна помош за земјите во Африка.

Стивен Саби од Програмата за развој на ОН вели дека кинеската меѓународна помош се` повеќе се занимава со проблеми на локално ниво преку обезбедување на можности за вработување наместо само храна или подобрување на инфраструктурата.

„Мислам дека видовме многу влади кои постепено велат - работите што за нас ги направивте беа навистина корисни. Поставувајќи центри за обука во земјоделието донесувајќи лекари, градејќи владини згради итн., а сега најверојатно и нешта кои ќе имаат директно влијание на намалување на стапката на сиромаштија. Значи прашањето е – не дали Кина тоа ќе го прави, туку како“, вели Саби.

Кина исто така прави договори за слободна трговија и промовира поголема употреба на нивната валута во некои држави по должина на рутите. Зголемените врски меѓу Кина и тие држави не само што ќе ја засилат трговијата туку ќе ја зголемат и кинеската енергетска безбедност.

Некои аналитичари предупредуваат дека новото „брендирање“ на Кина на овие нови меѓународни трговски рути не сигнализира на кохерентна национална стратегија. Бери Саутман е професор на Универзитетот за наука и технологија на Хонг Конг.

„Мислам дека има повеќе стратегии, а не една стратегија. Во Кина многу луѓе предлагаат стратегии, но централната влада нема усвоено една“.

Саутман вели дека некои од тие политики се базирани на контрадикторни идеи изнесени од официјални лица , бизнисмени и академици во Кина, за тоа како Кина најдобро би се ангажирала со сотатокот на светот.

XS
SM
MD
LG