Линкови за пристапност

Колкаво е кинеското влијание во македонските медиуми и како тоа може да се препознае и спречи


Колкаво е кинеското влијание во македонските медиуми и како тоа може да се препознае и спречи
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:28 0:00

Неодамнешно истражување сугерира дека кинеските операции за влијание во медиумите на Северна Македонија се главно насочени кон промовирање на позитивна перцепција за Кина

Кина прави значителни обиди да се наметне во медиумската индустрија на регионот, додека Северна Македонија не е исклучена.

Во неодамнешното истражување на невладината организација „Естима“ изработено во рамките на проектот ковид-19 „Инфодемија“: борба против дезинформации и лажни наративи, стои дека преку т.н. „бела“ и „сива“ пропаганда, во Северна Македонија кинеските наративи пенетрираат преку традиционалните и социјалните медиуми. Од „Естима“ велат дека ова влијание е во неговите почетоци, што не исклучува натамошно ширење.

„Ние не сме држава од поголемо стратешко значење за Кина. Немаме официјално присуство на кинески државни медиуми, како што е тоа случај и со земјите од соседството, како на пример Бугарија и Србија. Кај нас целото кинеско влијание и наративите се канализираат преку традиционалните медиуми, интернет порталите и социјалните медиуми. Што значи дека токму домашните медиуми имаат улога на некаков филтер во пренесување на информациите“, вели претседателката на Естима, Ана Крстиновска.

Крстиновска додава дека Кина покажува засилена фасилитирачка комуникација. Целта е, вели таа, да се изгради публика и да се воспостават комуникациски канали и однос на доверба.

„Обезбедуваат публика што би можела да ги прими содржините и пораките кои што тие ги испраќаат, кога за тоа ќе биде потребно. Односно, во даден момент, оваа фасилитирачка комуникација може да прерасне во убедителна комуникација, која ќе биде насочена кон исполнување на некоја кинеска цел“, додава таа.

Истражувањето идентификувало три наративи карактеристични за Кина за време на пандемијата: отфрлање на можноста дека вирусот потекнува од Кина, истакнување на неуспехот на западните земји во справување со кризата и нагласување на помошта која Кина ја обезбедила за државите.

„Тоа беше видливо со долго најавуваната и долго очекуваната донација на кинески респиратори. Најголем дел од медиумите, вклучително и традиционалните медиуми, воопшто не ја споделија информацијата дека не се работеше за кинеска донација, туку дека се работеше за јавна набавка на кинески респиратори со пари од ЕУ. И, токму овој наратив служеше за да се прикаже дека ЕУ ги оставила земјите од Западен Балкан на цедило во справувањето со пандемијата, а Кина е тука како кредибилен партнер за нив, во секое време“, вели Крстиновска.

За разлика од руската пропаганда, објаснува таа, која е насочена кон предизвикување некаква штета во таргетираната држава, кинеската пропаганда има за цел подобрување на имиџот и перцепцијата за Кина.

Дел од активностите на соработка со медиумските здруженија често одат преку Кинеската федерација на новинари, која е еден вид продолжена рака на Кинеската комунистичка партија, вели таа.

Еден пример е соработката со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кога дваесеттина македонски новинари пред неколку години биле поканети во Кина, а група кинески новинари ја возвратиле посетата.

Од ЗНМ велат дека во Северна Македонија не е забрането странска компанија да има удел во домашна компанија.

„Поголем проблем би имало кога странска компанија и странска држава би имала влијание во уредувачката политика на одреден медиум и да влијае врз јавноста, како да размислува за одредени општествени процеси, отколку некоја компанија да има искрена намера да инвестира, со цел да ги промовира своите одлики на таа земја“, рече извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Секуловски посочува на недостигот на домашни промотори на пазарот, но, во тој процес препорачува претпазливост.

„Во услови кога некои информации или дезинформации можат да влијаат негативно на јавниот ред и мир, на безбедноста или на било која друга општествена важна појава, во тој случај треба да бидеме малку повнимателни“, додава тој.

Крстиновска, пак, вели дека заради достапноста на ресурси со кои Кина располага може да се очекува натамошно проширување на кинеското присуство, особено во социјалните медиуми.

„Треба да имаме во предвид дека Кина е присутна во странство на социјални медиуми кои не се достапни во Кина, на Фејсбук и Твитер, и на тој начин таа го користи отворениот медиумски простор и слободата на изразување, кои ги нудат социјалните медиуми надвор од кинеска територија. И, во рамки на таа пропаганда, не спаѓа само она што се кажува туку и, она што се премолчува. И, токму тоа го обликува на некој начин типот на кинеската пропаганда“, појаснува Крстиновска.

Нашите соговорници се согласни дека, најефикасен начин за ширење на медиумското влијание е преку сопственичката структура на медиумите. Тоа е веќе присутно во Босна и Херцеговина, како и кај некои членки на ЕУ, Унгарија и Чешка. Во Северна Македонија тоа се уште не е случај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG