Во текот на изминатите шест години, под власт на Ши Џинпинг, Кина радикално ја надгради и прошири својата стратегија за поголемо влијание во различни региони низ светот. Оваа стратегија е најочигледна во азиско-пацифичкиот регион, но исто така е се` поприсутна во Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд, беше посочено на дебата за кинеското влијание која се одржа во Вашингтон во организација на Глобалниот тајвански институт и Советот на Карнеги за етнички и меѓународни прашања.
Eвропските држави не се имуни на влијанието на Кина.
„Преку иницијативата „Еден пат, еден појас“ Европа е цел во плановите за експанзија на Кина. Секако дека има економски бенефит од прифаќањето на понудите на Кина, но Европа треба да биде свесна дека со Кина нема бесплатен ручек“, вели Шин Хунг Ло, професор на Универзитетот Ченг Чунг, Тајван.
Дејвид Шулман од Меѓународниот Републикански Институт е уште попрецизен и вели дека особено лесна цел за Кина се државите кои се во претпристапен процес за приклучување кон ЕУ.
„На места како Србија, каде претседателот Александар Вучиќ и неговата партија се движат во нелиберална насока и го контролираат медиумскиот простор, има одлични услови за склучување зделки зад затворени врати без да се плашите дека ќе има реакции во медиумите. Неодамна беше објавено дека српската и кинеската полиција ќе работат на обезбедување поголема заштита на кинеските работници и туристи во Србија“, вели Шулман.
Тоа за Шулман не е еднодимензионално, зашто верува дека заштитата ќе донесе употреба на технологии кои Кина ги користи дома. Тој посочува и на Црна Гора, како на тажен пример за држава која западнала во долгови по соработката со Кина.
Панелистите беа согласни дека економската моќ и политичкото влијание на Кина на светско ниво растат со голем обем и брзина.
„ Стејт департментот и Одделот за одбрана на САД неодамна излегоа со извештај за военото влијание на Кина. Таму стои дека Кина врши влијание врз културни, бизнис и академски институции, како и во медиуми во САД и во други држави, за да ги унапреди своите воени и безбедносни интереси“, вели Расел Хсиао, извршен директор на Глобалниот тајвански институт.
Новинарот и аналитичар Исак Стоун Фиш, колумнист на Вашингтон пост, кој седум години живеел и работел во Кина, вели дека дури и преку самоцензура во САД се затскриваат информации кои не се поволни за Кина.
„Пекинг настојува да ги нагласи позитивните информации за Кина, а да ги сузбие негативните.“
Панелистите се децидни дека треба да се развие свеста за ваквите перфидни тактики, кои и`штетат на демократијата.
Facebook Forum