Линкови за пристапност

Новиот пат на свилата ги алармираше Вашингтон и Европа


Во кинеската Иницијатива појаси и патишта некои гледаат стратешка алатка на Пекинг да ја прошири својата сфера на влијание

Кога кинескиот претседател Кси Џинпинг во четврток ќе пристигне во Рим, нема да му недостигаат сонародници за време на кратката обиколка на градот предвидена со програмата за неговата државна посета на првата од трите станици во Европа, од каде потоа ќе оди во Франција и Монако.

Италијанскиот „вечен град“ е магнет за растечкиот кинески туризам и покрај тоа што во сезона римскиот аеродром Фумичино е преполн со кинески туристички групи кои во редици чекаат на безбедносните премини и во бесцаринските продавници.

За Италијанците финансискиот прилив од кинеските гости е добредојден. Со тоа надохнадуваат за намалувањето на бројот на туристи поради глобалната финансиска криза во 2008 година.

Но, кинескиот турзам, според некои аналитичари, не е она што се чини навидум.

Пекинг не се двоуми да го употреби туризмот како метод за наградување на пријателите и казнување на критичарите, предупреди неодамна Стратфор, геополитичка разузнавачка компанија во САД.

Пекинг ги насочува туристичките текови со доделување на статус на одобрена дестинација. „Оваа ознака регулира каде кинеските туристички групи се овластени да патуваат и како патувањата се пласираат во Кина“, велат од Стратфор.

Тоа може да направи значителна разлика. Во 2017 година, Пекинг успеа да го намали за повеќе од половина бројот на кинески туристи кои патувале во Јужна Кореја, со цел да го казни Сеул поради поставувањето на американскиот систем за ракетна одбрана на терминал на голема висина.

Туризмот, сепак, не е приоритет на дневниот ред на агендата на Кси Џингпинг за време на посетата на Рим. Италија размислува за приклучување во глобалната трговска и инфраструктурна програма на Пекинг, неформално позната како Нов пат на свилата, а формално како Иницијатива појаси и патишта.

Проектот за трговија, инвестирање и инфраструктура во вредност од трилиони долари, е дел на надворешната политика на Кси Џинпинг. Од 2013 година досега Пекинг веќе има инвестирано 700 милијарди долари во повеќе од 60 земји.

Голем дел од инвестициите се во форма на големи инфраструктурни заеми за владите. Идејата како што беше наведено од страна на кинескиот лидер е да се привлечат овие земји поблиску до Пекинг, а кинеската моќ да зајакне во странство.

Некои аналитичари гледаат паралела и во туризмот. Посочуваат дека големите инвестиции можат да се употребат во функција на политичко влијание, во уште поголем обем од она што Кина го прави преку туризмот.

Во Рим оваа недела италијанската влада треба да потпише меморандум на разбирање со Кина во областа на телекомуникациите и пристаништата. Со тоа Италија ќе стане првата членка на Г7 која ќе учествува во Иницијативата појаси и патишта.

Ова ги алармираше Вашингтон и европските лидери.

Повеќе европски земји, вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Полска, Португалија, Словачка и Словенија веќе имаат потпишано ваков меморандум со Пекинг.

„Некои ова го сметаат за стратешка алатка на Пекинг да ја прошири својата сфера на влијание. За други, наместо да ги зајакнат земјите учеснички, им задаваат огромен долг“, вели Хуан Лок Доан, аналитичар на Глобалниот политички институт во Лондон.

На неодамнешниот самит на Новиот пат на свилата, Хелмут Шолц од Европскиот парламент рече дека Иницијативата појаси и патишта често се споредува со Маршаловиот план. „Сепак, Новиот пат на свилата главно ќе обезбедува заеми, а не грантови, за разлика од Маршаловиот план. Тоа значи дека тие кредити ќе мора да се вратат.“ Тој изрази загриженост дека Иницијативата појаси и патишта ги води земјите кои земаат заеми во замка на долгови, а потоа тоа може да се искористи за политичко влијание од страна на Пекинг.

Европскиот парламент во септември предупреди дека инфраструктурните проекти во рамките на масивната кинеска програма „можат да создадат големи долгови“ за европските земји кои ќе земаат заеми од Иницијативата појаси и патишта.

Предупредување стигна и од Националната безбедност во Белата куќа, објавено на 9-ти март во порака на Твитер. „Поддршката на Иницијативата појаси и патишта му дава легитимност на кинескиот предаторски пристап кон инвестициите и нема да има корист за италијанскиот народ.“

Италијанската популистичка коалициона влада е поделена околу тоа дали да се потпише договор со Иницијативата појаси и патишта.

Неизбежно ќе биде заладување на односите меѓу Вашингтон и Рим
американски дипломат со седиште во Рим

Причините за ова лежат во италијанската економија. Лидерите на коалицијата на гласачите на минатогодишните избори им ветија работи кои не можат да ги исполнат, од зголемување на државните пензии до „плата за живот“ за сите Италијанци.

Премиерот Џузепе Конте, се обидува да избере среден пат, изјавувајќи за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ дека Италија останува добар пријател на САД, но не може да види зошто тоа треба да ја спречи италијанската влада да потпише договор со Кина. „Мислам дека тоа може да биде можност за нашата земја“, рече Конте.

Но, обидот да се постигнат двете работи може да не функционира. Коалиционите лидери, десно ориентираниот популист Матео Салвини и Луиџи Ди Мајо, лидер на италијанското движење Пет ѕвезди, се идеолошки приврзаници на администрацијата на Трамп. Но, нивната подготвеност да им се допаднат на Пекинг во исто време, допринесуваат за нивната репутација дека се контрадикторни и несигурни, велат официјални претставници на САД.

„Неизбежно ќе биде заладување на односите меѓу Вашингтон и Рим“, предвидува еден американски дипломат со седиште во Рим.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG