Линкови за пристапност

Секое дете заслужува грижа и топол дом


До крајот на годинава, ниту едно дете под 18-годишна возраст нема да биде сместено во институција во Република Северна Македонија, ветува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска

„Во летото 2017 најавивме дека нема да има повеќе деца до тригодишна возраст згрижени во институции до крајот на 2020 година. Многумина беа скептични. Тогаш, во шесте социјални институции низ земјава беа сместени 180 деца до 18-годишна возраст. По малку повеќе од две години, денеска, во институциите имаме уште 5 деца до 18-годишна возраст. Со увереност можам да најавам дека до крајот на годинава, ниту едно дете под 18-годишна возраст нема да биде сместено во институција во Република Северна Македонија! Бидејќи, секое дете заслужува грижа и топол дом“, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, при згрижувањето на децата кои досега престојуваа во поранешниот дом „Ранка Милановиќ“ во Скопје, во два нови, мали групни дома.

Министерката Царовска потенцираше дека „’сивиот дом’ на нашиот социјален систем замина во историјата. Со интензивна стручна поддршка и 24-часовен надзор, ќе им помогнеме на децата кои на рана возраст дошле во судир со законот, да зајакнат и да се развијат во идни активни граѓани кои учествуваат во заедницата. Реинтеграцијата на децата е нашата цел - во иднина да имаме примери на успешни млади кои го оформуваат образованието и стекнуваат позитивни животни вештини“.


Со деинституционализацијата, во последните години се отворени 20 мали групни домови за деца. Цел на заложбите на Министерството е децата да растат во атмосфера која е најблиску до семејната, а со трансформацијата на досегашните институции, ќе се отвораат и нови работни места, што ќе овозможи и нов квалитет во грижата за децата.

Според Елспет Ериксон, заменик претставничка на УНИЦЕФ, „домот е место во кое секој треба да чувствува припадност и сигурност. Ова се однесува за сите деца, но особено за децата со комплексни емотивни потреби, кои најчесто застрануваат од патот поради недостиг од поддршка во семејството и заедницата. Без оглед на тоа колку добро е опремена, или колку се квалитетни вработените, една институција не може да ја замени љубовта и поддршката што постои во семејното опкружување“.

Цел на заложбите на Министерството е децата да растат во атмосфера која е најблиску до семејната


Според Виолета Масевска Палиќ, директорка на Јавната установа за згрижување деца со социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение „25 Мај“, нивната служба за деца со социјално-воспитни проблеми повеќе од една година згрижува над 25 деца во пет групни домови: „Децата редовно одат на училиште, бегствата се драстично намалени, се вклучуваат во креативни работилници, организираат изложби и немаат судир со законот, што порано беше секојдневие... Тоа нè уверува дека и во овие нови, групни домови за децата со нарушено поведение, ќе обезбедиме грижа, поддршка и стручна работа што ќе им помогне на децата да се развијат во креативни и исполнети личности“.

Со најновите домови, во Северна Македонија се отворени 17 мали групни домови.

Bitola
Bitola


Неодамна, министерката Царовска, со заменик претседателката на Владата, Радмила Шекеринска и градоначалничката на Битола Наташа Петровска посетија уште три од вкупно петте мали групни домови во кои се сместени деинституционализирани деца до тригодишна возраст - од „Мајчин дом“ во Битола.

Притоа, министерката Царовска истакна дека со отворањето на петте групни домови, ниту едно дете до тригодишна возраст повеќе не живее во институциите во Република Северна Македонија

„Ние, како Министерство, со нашите партнери, го започнавме процесот на целосна трансформација на ‘Мајчин дом’ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти кои наликуваат на топол семеен дом. Со ова, покажавме дека кога нешто се работи со посветеност - успешно завршува. Процесот на преместување на сите деца од институциите, ќе го завршиме една година порано од предвидениот рок... Грижата за децата продолжува со многу поголема посветеност и љубов”, изјави Царовска во Битола.


Според битолската градоначалничка Наташа Петровска, со трансформацијата, еден дел од Домот ќе се пренамени во детска градинка за 80 деца: „Денес е сончев ден за Битола, затоа што се згрижува една ранлива категорија. Посебно им се заблагодарувам на МТСП, на УНИЦЕФ, на британската Амбасада и на вработените во Домот за деца без родители”, изјави меѓу другото, Петровска.

Според соопштението на Министерството, амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галуеј потенцирала дека процесот на деинституционализација докажува дека „со правилна посветеност можеме да изградиме позитивно и инклузивно општество базирано на вредности... Овој процес е дел од целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите за социјална кохезија и прифаќање на различностите во Република Северна Македонија“

Заложбите на Министерството за обезбедување на топол дом за ранливите категории не завршуваат кај децата, туку паралелно се одвиваат и во сферата на овозможување на лицата со попреченост - да ги остваруваат своите права да живеат независен живот и да бидат вклучени во оппштеството. Минатата недела, на седум лица од Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско им е обезбеден топол дом: Министерството обезбеди четири станбени единици во Струмица, целосно прилагодени на нивните потреби. Се работи за лица, кои по сопствена желба, и по 20-30 години престој во специјализираната установа, ја напуштаат и продолжуваат да живеат самостојно, но и со лични асистенти, а најавен е и ангажман на дополнителен негувателски кадар.

„Осоебно се радувам што процесот на деинституционализација, со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Сакам да се заблагодарам и на агенциите на ОН, кои максимално се вложија - ова денеска да стане реалност, како и на вработените и раководството на Заводот за рехабилитација, кои од самиот почеток се вклучени во овој процес“, истакнала по тој повод министерката Царовска.

Во соопштението на Министерството се наведува и изјавата на Росана Дуџак, резидентен координатор на Обединетите нации, која им честита за посветеноста во спроведувањето на реформите и на Министерството и на целата Влада: „Потребни се многу напори и посветеност за да се обезбеди лицата со попреченост да може да ги реализираат своите права да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата. Затоа, сакам да ги уверам Владата и заедницата дека целото ОН семејство е достапно и решително да ја обезбеди сета неопходна поддршка - за во овој процес никој да не заостане”.

XS
SM
MD
LG