Линкови за пристапност

Нов лек надеж за пациентите со тешки форми на рак


Комбинација на молекула на антитело со компонента за борба против ракот

Во тек е развој на нов лек кој цели на некои од најагресивните форми на рак, за кои е познато дека тешко се лекуваат.

Ако клиничките тестови кои сега се спроведуваат продолжат да покажуваат прогрес, лекот може да го промени начинот на кој се лекуваат некои форми на рак.

Научниците од фармацевтскиот гигант „Pfizer“, и малата компанија „Stemcentrx“, неодамна купена од страна на компанијата „AbbVie“ го развија лекот кој цели на агресивните форми на рак на дојка, јајници и на белите дробови.

Марк Демелин од „Pfizer“, работи на овој лек официјално познат како PF-06647020 заедно со Скот Дајла од „AbbVie Stemcentrx.“

Во интервју за Гласот на Америка преку Скајп Демелин рече:

„Се надеваме дека ќе го искорениме ракот. На ист начин како кога чистите градина. Треба да ги извадите корењата за плевелот, за тој да не може да врати назад. Така е направен и овој лек, да ги уништи корењата на ракот. Ние ќе овозможиме хемотерапија која ќе ги искорени овие клетки.“

Повторувањето на болеста кај агресивните форми на рак е честа појава, што го прави тежок за лекување.

Лекот се покажал успешен во тестовите кај глувци и мајмуни, а тестирањата кај луѓето се во тек.

„Терапијата е како наведуван проектил,“ вели Демелин.

Дајла од „AbbVie Stemcentrx.“ за Гласот на Америка вели дека „проектилот е молекула на антитело која самата се прикачува до клетките на ракот, и може да влезе во клетката како Тројански коњ. Научниците на антителото прикачиле лек, кој директно ги убива клетките на ракот.“

Раните клинички испитувања се спроведуваат кај пациентите чиј третман на рак не би успешен или ракот се повратил. Демелин вели дека кај речиси една третина од пациентите со рак на јајчник има позитивни знаци.

Истражувачите не знаат дали новиот лек ќе ја замени стандардната хемотерапија, зрачењето или хируршката операција, или само ќе биде дополнение овие постапки. Но, Дајла вели дека тие се надеваат на тоа.

Ако се` функционира, тоа може да ја замени стандардната хемотерапија и третманот ќе биде помалку токсичен.

Демелин вели дека овој лек исто така може да им помогне на пациентите со рак на желудникот, хранопроводникот, на простатата и агресивен вид на леукемија, бидејќи научниците имаат антитела за овие одредени видови на смртоносен рак.

XS
SM
MD
LG