Дали соседна Бугарија може да стане кочничар на европскиот пат на Северна Македонија, по барањата кои Софија му ги упати на Скопје, се постави како прашање откако официјална Софија најави дека ќе го поддржи одредувањето датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Властите на Бугарија, преку т.н рамковна позиција, поставија серија услови, кои земјава ќе треба да ги исполни ако сака да стане членка на Унијата.
Станува збор за околу дваесет точки кои ги усвои бугарскатата Влада, а кои доаѓаат на само една недела пред Европскиот совет да донесе конечна одлука дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите.
Во соопштението на бугарската Влада, меѓу другото стои:
„Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европска легитимизација на антибугарска идеологија спонзорирана од државата. Препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“, се вели во ставот на Владата во Софија.
Она на што властите во Бугарија инсистираат и бараат, е откажување на Северна Макeдонија од признавањето на македонското малицноство кое живее во Бугарија, отстранување на терминот „бугарски фашистички окупатор“ од текстовите во учебниците и натписите на спомениците и спомен плочите, како и отпочнување на нов процес на лустрација, со цел да се расветлеле сите соработници на службите за безбедност на поранешна Југославија, во денешна Северна Македонија.
Во делот на употребата на македонскиот јазик, Бугарија бара земјава да се откаже од користењето на терминот „македонски јазик“, а во ЕУ да се користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“
Ако била неопходно употребата, односно пишувањето на терминот „македонски јазик“, сето тоа да било пропратено со звездичка и појаснување според Уставот на Република Северна Македонија.
За дел од домашните експерти барањата на официјална Софија биле максималистички.
Малинка Јорданова, од Институтот за европски политики од Скопје, за Гласот на Америка вели:
„Бугарската рамковна позиција со која се декларира поддршка на почетокот на преговорите, всушност најавува блокада веќе во следниот чекор, а тоа е самиот нивен почеток, првата меѓувладина конференција, односно усвојувањето на преговарачката рамка. Условите кои ги најавува бугарската Влада се максималистички, нереални, па дури и апсурдни. Најмалку се во духот на добрососедството. Ова се однесува на бројните стари и нови услови, комплексот на историски прашања, па се` до обновувањето на прашањето на македонскиот јазик, што за нас е една од клучните поенти на Преспанскиот договор“, вели Јорданова.
Таа додава дека ова е рамковна позиција на Бугарија, но, оти Бугарија формално за неа не треба да се бори со нас, туку со другите членки на ЕУ.
„Во тој процес овие услови сигурно ќе омекнат, но, прашање е во која мерка и дали исходот ќе биде воопшто прифатлив за нас. Претстојат макотрпни месеци за македонската дипломатија и државниот врв, но треба да се подготвени, бидејќи ова сепак не е изненадување“, додава Јорданова.
За поранешниот македонски амбасадор во Софија Ѓорѓи Спасов, важно за земјата во овој момент е дека Парламентот на Република Бугарија дава поддршка за проширување на ЕУ кон земјите на Западен Балкан, и за добивање датум за почнување разговори со ЕУ.
„Не беше лесно да се постигнат Договори за добрососедство и пријателство со Бугарија и со Грција. Сега ние како земја која ја прифати промената на името во Република Северна Македонија, но која со договорот со Грција реално го зачува идентитетот на македонскиот народ и користењето на македонскиот јазик, како јазик впишан во графата на Обединетите нации, можеме полесно да им одолееме на другите видови барања и негирања. Македонската нација и македонскиот јазик се реалност и не очекувам дека Бугарија ќе успее да и` наметне на ЕУ да го означува тој јазик како `службен јазик на Република Северна Македонија`, или таму кај што во европските документи ќе стоело македонски јазик, да се објаснело дека Бугарија тој јазик го признава како македонски јазик според Уставот на Република Северна Македонија. Тоа барање според мене ќе стане беспредметно па и смешно“, вели Спасов за Гласот на Америка.
Ексaмбасадорот кој на таа позиција во Софија беше од 1994 до 1997 година, додава дека низата други барања што се наведени во таа декларација ќе бидат предмет на натмошните разговори, без можности за наметнувања на „нивната историска вистина“.
„Поранешниот премиер на Грција Ципрас, изјави дека со Договорот меѓу Грција и Северна Македонија беа поразени националистите во двете земји. Верувам дека со изнаоѓање решенија за преостанатите спорни прашања меѓу Бугарија и Македонија врз основа на взаемната доверба и почитување, ќе бидат поразени, а не поттикнати националистичките сили од двете страни на границата со Бугарија. Македонскиот и бугарскиот народ се изморени од дебати околу историските настани, процеси и личности, а обидите да се врати историјата секогаш води во погрешна насока“, додава Спасов.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, за медиумите изјави дека условите се покажале некогаш како корисен инструмент, а некогаш како катастрофа.
„Сакаме со нашите соседи да бараме решенија, а не да ја играме играта на уцени, притисоци, кавги и прекинување на разговорот. Важно е што денеска можеме да кажеме дека сите наши соседи цврсто не поддржаа да станеме членка на НАТО и ЕУ. Ние очекуваме преговарачките рамки да бидат дефинирани согласно европските принципи и согласно принципот дека мора да се најдат решенија со соседите“, кажа Шекеринска.
Премиерот Зоран Заев очекува дека ќе се дојде до решение за сите отворени прашања преку дијалог.
„Очекувам дека Бугарија ќе биде еден од најгласните поддржувачи на добивањето датум за почеток на преговорите. Нормално е очекувањето дека договорите треба да се исполнуваат, и јас сум среќен што постигнавме договор за добрососедство. Неговото исполнување е обврска за двете страни и верувам дека ќе продолжиме со изнаоѓање на решенија“, кажа Заев.
Во меѓувреме дел од интелектуалната фела во Северна Македонија и Бугарија преку заедничка декларација испратена до медиумите, изразува разочараност за условите на Владата во Бугарија насочени кон Северна Македонија. Според нив, ваквата рамковна позиција на Софија би можела да влијае на доброседството меѓу двете земји.
Собранието на Бугарија веќе ја усвои декларацијата за поддршка на започнувањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ
Софија бара и заедничката историска комисија што побргу да дојде до компромис за историските личности и настани како што е Гоце Делчев, браќата Миладиновци и Илинденското востание, но, и други.
Северна Македонија и Бугарија пред речиси две години потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Facebook Forum