Новите барања кои официјална Софија ги упати до македонските власти преку нивниот претседател Румен Радев, помеѓу кои е и вметнувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, предизвикаа различни реакции во јавноста.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, за Глас на Америка, вели дека сето ова може да се окарактеризира како мешање во внатрешните работи на Република Северна Македонија.
„Ваков вид барања се сосема нормални кога станува збор за односите меѓу две пријателски држави. Тие се секогаш проследени со претходен акт на препознавање на претставниците на другата држава во сопствениот Устав на истоветен начин како што тоа се бара во однос на сопственото малцинство. Таков е на пример случајот со Хрватска. Кога станува збор за Бугарија, ова претставува еднострано барање кое на таков начин поставено може да се разбере само како мешање во внатрешните работи на Република Северна Македонија“, вели Најчевска.
И аналитичарот Јове Кекеноски е за реципроцитет во тој дел.
„Лично немам против кога веќе се ставени и другите во Уставот да бидат ставени и Бугарите па и Хрватите. Но бугарските власти мора да знаат дека и тие треба да бидат флексибилни и да бидат европејски настроени онака како што се декларираат, а не да бидат со ретроградни ставови и размисли. Мора ја признаат македонската реалност во нивната држава онака како што тоа го направиле во 50-тите години на минатиот век и да ги признаат Македонците. Доколку не го направат тоа не гледам причина ние да правиме уставни измени, а тие да не маргинализираат односно да не` негираат“, вели Кекеноски.
За професорот по правни науки Темелко Ристевски, се стекнува впечаток дека при решавањето на споровите меѓу државите политичарите забораваат на правото. Со него, вели тој, покрај внатрешните односи се регулирани и меѓународните односи.
Основен меѓународен правен акт за регулирање на односите меѓу државите е Повелбата на ООН, вели Ристевски, според кого, некои со право ја нарекуваат и планетарен устав или Устав на меѓународната заедница.
„Според тоа, ако Република Бугарија бара во Преамбулата на македонскиот Устав, покрај деловите од другите народи, да се внесе и делот од бугарскиот народ, тогаш истото треба да го направи во однос на македонското национално малцинство кое живее во Република Бугарија, од кое најголемиот дел живее во Пиринска Македонија. На тоа ја обврзува Повелбата на ООН. На тоа ја обврзува членот 27, во врска со членот 2 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права со кој се допрецизираат одредбите на Повелбата во однос на овие човекови права“, вели Ристевски.
Очигледно е дека бројот на Македонци со бугарско државјанство не кореспондира со бројот на етнички Бугари во Северна Македонија, вели поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
„Еден од условите при барањето бил барателот да се изјасни дека е по потекло Бугарин или дека се чувствува Бугарин. Притоа не бил условуван да се откаже од македонското државјанство, ниту од македонската национална етничка припадност во земјата во која живее - Македонија. Македонија дозволува нејзините граѓани да поседуваат повеќе државјанства, исто така и Бугарија, оттаму дотука е сѐ во ред. Не е во ред да не им се даде можност и на лицата кои живеат во Бугарија, а се чувствуваат Македонци, да се изјаснат дека се по етничка припадност Македонци. Само така ќе има смисла внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, па макар биле и само 5.000 на број. Поучени од неодлучноста на Европската Унија и неодржувањето на ветувањата што досега ги искажала, а имајќи предвид дека Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија е двонасочен и е договор, а не е ултиматум, додавката во Уставите на двете земји би се случиле пред влезот на Македонија во ЕУ“, вели Филипов.
Професорот во пензија Тито Беличанец, прашува, со кое право Бугарија бара во македонскиот Устав да се внесат и Бугарите, а бугарскиот Устав, не признава националност, бидејќи е заснован на т.н. граѓански концепт.
„Бугарија е земја во која етничките Турци, Романци, Роми, Македонци и други немаат право во Уставот да го изразат својот етнички идентитет. Бугарскиот Устав е заснован на концептот граѓанин, при што граѓанинот е изедначен со етнички Бугарин. Тоа е и причината зошто Бугарија не ги извршува одлуките на ЕУ судовите за правото на формирање на партија или здружение на граѓаните во Бугарија кои се определуваат за етнички Македонци. На потег се судовите и институциите на ЕУ и на ОБСЕ“, вели Беличанец.
Ако се менува Уставот да се примени хрватскиот модел, предлага Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања.
„Ако се менува Преамбулата на Уставот, тогаш да се примени хрватскиот модел, т.е. сите заедници што живеат на територијата на државата да бидат спомнати. Во хрватскиот Устав се споменуваат 22 заедници. За тоа Хрватска имаше и голем притисок од Грција на времето што се споменати Македонците. Што имаат повеќе Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и Бошњаците за да имаат повеќе малцински права од Хрватите, Црногорците, Египќаните, Торбешите, Бугарите, Словенците, Русите, Украинците, Ерменците, Полјаците, Грците во Северна Македонија? Ако градиме граѓански концепт на држава тогаш сите сме еднакви пред Уставот. Или сите или никој во Преамбулата на Уставот“, вели Земон.
Премиерот Зоран Заев во четвртокот изјави дека Северна Македонија нема проблем да ги додаде и Хрватите и Црногорците и Бугарите и други доколку мислат дека треба да бидат додадени.
„Но, секако тоа не треба да значи дека во моментот ние треба да го отвараме Уставот заради овие прашања. И јас верувам дека ќе биде доволно за Бугарија ако бара таква работа од аспект на преговарачкиот процес кој го имаме“, рече Заев.
Властите велат дека земјава нема да бара реципроцитет од Бугарија во овој дел.
„Република Бугарија согласно нејзиниот Устав не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност“, рече Османи.
Засега нема надеж дека за брзо ќе има решение на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија, што е причина и за блокада за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.
Од Самитот за Западен Балкан во Словенија, Бугарија, постави нови барања. Таа преку претседателот Радев сега бара да се потпише нов протокол меѓу двете страни, во кој се поставени 5+1 точки, меѓу кои и вметнување на Бугарите во Уставот, но и за историската вистина.
Радев, меѓудругото, изрази очекување оти 120.000 граѓани кои имаат бугарски пасош, ќе бидат попишани како Бугари на пописот во Северна Македонија.
Facebook Forum