Линкови за пристапност

Македонија го ратификуваше Договорот за добрососедство со Бугарија


Со 61 глас „за“ и еден „воздржан“, Собранието денеска го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Симболично, на денот кога пред 26 години, во 1992 година, по одлуката на Арбитражната комисија на тогашната Европската заедница (Бадентеровата комисија) за исполнување на условите за меѓународно признавање на Македонија, Бугарија како прва држава во светот, ја призна независната на суверената македонска држава, пратениците од мнозинството во македонскиот парламент го ратификуваа договорот за пријателство, добрососедство и соработка со источниот сосед.

Договорот го потпишаа на 1-ви август минатата година, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, како резултат на повеќегодишното договарање на работните групи на двете министерства за надворешни работи и надградба на претходниот договор, потпишан во 1990-та година.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска ја бојкотираа собраниската седница, на која беше ратификуван договорот за добрососедство со Бугарија, кој според актуелната власт и дел од аналитичарите, овозможува стабилизација на регионот и нови евроатлантски перспективи за Македонија, а според опозицијата и дел од историчарите, е асиметричен и ја поставува Македонија во нерамноправна и подредена улога во однос на Бугарија.

„Ниту ние, ниту Бугарија не сме среќни со овој текст. Меѓутоа, факт е дека со договорот и двете државме растевме, дававме сигнал дека и во нашиот регион може да се однесуваме европски. Важно е што двете страни се осмеливме да излеземе од безбедноста што ја даваат рововите на историјата, што укажува на зголемена самодоверба во нашето општество кое созреа по големата криза на неказнивост. Затоа, убаво е кон соседите да се однесуваме како кон еднакви, да создаваме пријатели, а не непријатели“, потенцираше во своето обраќање пред пратениците, министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој посочи и дека „ќе беше убаво да беа тука и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и да го поддржеа овој договор“ и изрази надеж дека „ќе најдат сили во иднина за следни важни чекори за иднината на Република Македонија, да бидат кооперативни и да бидат тука“.

Откако Бугарија го почна својот мандат како претседавач со Советот на ЕУ, кај властите во Скопје постои надеж дека таа ќе ја промовира Македонија во Унијата, но противниците на Договорот во опозицијата и во дел од научната јавност опстојуваат со критиките за наводното откажување од македонското малцинство во Бугарија, како и за проблематичноста на формулацијата за „заедничка историја“ и на заедничката експертска комисија за спорните историски и образовни прашања.

На денешното претставување на Програмата и приоритетите на бугарското претседателствување со ЕУ во Комисијата за европски прашања во Собранието, бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Великов Петков, рече дека за Бугарија приоритет е европската перспектива на Западниот Балкан: „Бугарија ја поддржува европската перспектива и напорите на Владата на премиерот Зоран Заев, на сите институции, граѓанското општество и на опозицијата да ги остварат своите стратегиски цели, за време на бугарското претседателство да ги исполнат условите за добивање покана за членство во ЕУ“.

Потврдувајќи дека Бугарија ја поддржува Македонија за членство во ЕУ и НАТО, бугарскиот амбасадор потенцираше и дека Македонија мора итно да ги спроведе реформските приоритети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG