Руската истражна комисија бара Британија да обезбеди правна помош во случајот со труењето на Јулија Скирпал.
Таа и нејзиниот татко, поранешен руски двоен агент Сергеј Скирпал, на почетокот на месецов беа отруени со нервен гас во англискиот град Солсбери. Тие се `уште се наоѓаат во критична состојба.
Руската комисија бара британските власти да преземат мерки насочени кон утврдување на околностите на труење, како и да обезбедат копии од одреден материјал од истрагата.
Британските официјални лица ја обвинија Русија за нападот, велејќи дека искористила нервниот агенс „Новичок“, кој првпат бил развиен од страна на Советската армија.
Русија негира дека е одговорна за нападот, велејќи дека наводно бил извршен од страна на британските разузнавачки служби, со цел Русија да изгледа „лоша“. Велика Британија го отфрли обвинувањето.
Британската полиција вчера објави детали од истрагата, велејќи дека по судските прегледи, детективите веруваат дека првиот контакт на Скирпалови со токсинот бил на влезната врата во нивниот дом
Полицијата соопшти дека досега пронашла пет илјади видеоснимки од безбедносните камери, испитала повеќе од 1.350 други експонати, и оти интервјуирала стотици сведоци.
Во телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, британската премиерка Тереза Меј го пофали „силниот одговор“ на САД, кој нареди протерување на 60 руски дипломати, откако Москва беше обвинета за нападот.
Белата куќа соопшти дека двајцата лидери се согласиле за важноста од укинување на руските шпионски мрежи во Обединетото Кралство и САД, за да ги намалат руските тајни активности, како и да ги спречат идните напади со хемиско оружје.
Повеќе од 20 други земји им се придружија на САД во протерување руски дипломати. Премиерката Меј рече дека ја поздравува „големата меѓународната акција како одговор на несовесното однесување на Русија“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, рече дека Москва ќе реагира по мерките на САД.
Тој протерувањата на руските дипломати од западните земји ги нарече „антируско однесување“, велејќи дека „уцената за жал сега е главната алатка на Вашингтон на меѓународната сцена“.
Рускиот амбасадор во Австралија вчера рече дека ако западните земји продолжат со активностите против Русија, светот ќе западне во ситуација на “Студена војна“.
Facebook Forum