Линкови за пристапност

Алвин Салимовски, ООУ „Браќа Размиз - Хамид“: Ги разбиваме стереотипите дека ромските деца не учат


Училиштето „Браќа Рамиз - Хамид“ од скопската општина Шуто Оризари е едно од најголемите основни училишта во земјава
Училиштето „Браќа Рамиз - Хамид“ од скопската општина Шуто Оризари е едно од најголемите основни училишта во земјава

Постојат стереотипи дека ромското население не учи доволно. Нашата мисија е токму тоа, да ги разбиеме овие стереотипи, вели Алвин Салимовски, директор на училиштето „Браќа Рамиз - Хамид“ каде 90 проценти од учениците се Роми

Со повеќе од 2.000 ученици, речиси 80 паралелки и 121 наставник, во одделенска и во предметна настава, училиштето „Браќа Рамиз - Хамид“ од скопската општина Шуто Оризари е едно од најголемите основни училишта во земјава.

„Мисијата на ова училиште, на прво место, е квалитетно образование“, вели Алвин Салимовски, директор на „Браќа Рамиз - Хамид“.

Деведесет проценти од учениците се Роми.

Алвин Салимовски, директор на ООУ „Браќа Рамиз - Хамид“
Алвин Салимовски, директор на ООУ „Браќа Рамиз - Хамид“

„Постојат стереотипи дека ромското население не учи доволно. Нашата мисија е токму тоа. Да ги разбиеме овие стереотипи“, посочува Салимовски.

Салимовски вели дека главна цел им е на учениците да им се oлесни следењето на наставата.

„Во ова училиште се направени многу реконструкции, со една цел – учениците да го чувствуваат училиштето како свој дом“.

Сепак, ниту ова училиште не е имуно на трендот на иселувањето што важи за целата држава и кој води кон намалување на бројот на учениците.

„Има многу семејства што заминале во странство, престојуваат во странска држава неколку месеци, па се враќаат повторно во нашето училиште. Па други семејства одат. Но, да, во последно време бројот на ученици е намален токму поради заминувањето во странство“.

Еден од предизвиците со кои се соочува училиштето е што дел од родителите и не ги запишуваат првачињата во предвидениот мајски уписен рок.

„И доаѓаат во август, во септември. Таа бројка се менува. Меѓутоа бројката на првачиња, оваа година, и три години наназад се движи се од 250 до 300 првачиња“.

Ние како наставници не можеме да го смениме домот на ученикот, меѓутоа училницата можеме да ја смениме

Но, има и ученици што прекинуваат со одење на настава. Најчести причини за тоа се немање постојани живеалишта, како и заминувања на сезонска работа на семејствата низ државата или во странство. За да се надмине тој проблем, училиштето ги испраќа наставниците да разговараат со родителите, како прв чекор за враќање на тие деца во училишните клупи.

„Наставниците одат, го посетуваат домот, извршуваат разговор со родителите, доколку се тука. Доколку успееме да ги вратиме во образование, тогаш сме успеале. Доколку не, тогаш во тој случај ги праќаме и образовните медијатори“.

Во владината стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година се посочува дека кај дел од учениците се забележува и понизок степен на успех. Првиот човек на „Браќа Рамиз Хамид“ укажува дека голем удел во тоа има финансиската состојба на семејствата.

Доколку родителите се невработени, немаат можност на своите деца да им овозможат сè што е потребно за училиште

„Доколку родителите се невработени, немаат можност на своите деца да им овозможат сè што е потребно за училиште, тука веќе настанува проблем. Во нашето училиште имаме и ученици коишто доаѓаат од многу сиромашни семејства“.

Алимовски смета дека едно од решенијата за таа состојба е да им се обезбедат соодветни услови на учениците цц

„Ние како наставници не можеме да го смениме домот на ученикот, меѓутоа училницата можеме да ја смениме“.

Основно училиште „Браќа Рамиз - Хамид“
Основно училиште „Браќа Рамиз - Хамид“

Според Стратегијата за инклузија на Ромите нема точен податок за бројот на децата Роми во државата што се надвор од образовниот процес. Од „Браќа Рамиз Хамид“ сметаат дека таа бројка кај нив е мала, но главната порака ја упатуваат до родителите.

„Се трудиме да ги информираме и да им укажеме на родителите дека образованието е една од најбитните алки во животот“.

Бројката на ученици што ја забележавме низ ходниците и во дворот, оставаат надеж дека училиштето „Браќа Рамиз - Хамид“ уште долго ќе ја задржи својата мисија – да образува што повеќе млади генерации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG