Линкови за пристапност

Учениците заминуваат: Од година во година сè повеќе празни столчиња во училиштата


Ниту главниот град веќе не е имун на фамилијарните иселувања и празнењето на училишните клупи
Ниту главниот град веќе не е имун на фамилијарните иселувања и празнењето на училишните клупи

Во училиштата во една од најголемите скопски општини, Аеродром, годинава има 829 новозапишани ученици. Лани во истата општина имало 933 првачиња. Наставници стравуваат дека ќе дојде и до затворање училишта низ државата.

Учениците заминуваат, училиштата се празнат, првачиња сè помалку
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:05 0:00

Сè помалку првачиња има во училиштата низ државата. Тоа го покажуваат податоците што ги добивме од неколку општини. Бројот на учениците во прво одделение се намалил и по неколку десетици во однос на минатата учебна година.

Така, во училиштата во една од најголемите скопски општини, Аеродром, годинава има 829 новозапишани ученици. Лани во истата општина имало 933 првачиња. Во општината Центар, пак, годинава имаат 564 деца во прво одделение, додека лани имале 609, првачиња.

Ситуацијата на територијата на општина Карпош, пак, навидум изгледа дека е подобра. Таму годинава се запишале 691 прваче, односно само 10 помалку од лани. Но, ако се земе во предвид дека општината опфаќа десет основни училишта и повеќе населени места, тогаш бројката е далеку од солидна.

Наведените податоци укажуваат дека главниот град веќе не е имун на празнењето на училишните клупи.

„Минатите години се случуваше иселувањето повеќе да биде изразено другите градови. Но, во последно време сето ова почнува да се случува и во главниот град. Сè повеќе ученици се иселуваат, заедно со семејствата“, вели Маја Ивановска, педагог во основно училиште во Скопје.

Трендот на намалување на новозапишаните ученици е продолжение од минатите години и се случува на територијата на целата држава.

На почетокот од учебната година 2002/2003, бројот на ученици бил нешто над 1.300. Но, на почетокот од оваа учебна година, бројот на ученици е нешто повеќе од 880. Тоа значи дека во рок од 20 години, четвртина од учениците не се наши ученици
Игор Богданоски, наставник

„Во моето училиште во коешто работам, на пример, на почетокот од учебната година 2002/2003, бројот на ученици бил нешто над 1.300. Но, на почетокот од оваа учебна година, бројот на ученици е нешто повеќе од 880. Тоа значи дека во рок од 20 години, четвртина од учениците се отпишани, односно не се наши ученици“, објаснува Игор Богданоски, наставник ментор во општинското основно училиште „Блаже Конески“ во Прилеп.

Намалувањето на учениците води и кон затворање цели паралелки.

„Бројките се уште поалармантни во последните четири години. Четири одделенија се затворени. Тоа значи дека најмалку четворица наставници не се повеќе вработени во нашето училиште“, додава наставникот Богданоски.

Опасност од затворање училишта?

Затворањето на паралелките, пак, директно влијае и врз опстојувањето на училиштата.

„Законот за основно образование предвидува точна бројка на ученици во една паралелка. Тоа се од 20 до 30 ученици. Така што, ако продолжи овој тренд за намалување на учениците, во одредени училишта може да се случи намалување на паралелките. Понатаму, пак, дури и затворање училишта“, алармира педагогот Ивановска.

Се иселуваат цели семејства и децата ги отпишуваат од училиштата
Се иселуваат цели семејства и децата ги отпишуваат од училиштата

Наставниците велат дека меѓу тие што заминуваат со своите семејства се и многу квалитетни ученици.

Имаме навистина добри и солидни ученици. За жал, тие ученици заминуваат од државата
Весна Бошковска, одделенска наставничка

„Во Македонија имаме навистина добри, солидни ученици. За жал, тие ученици заминуваат од државата. Тоа нас, како наставници, не ни се допаѓа, бидејќи нам, како држава, ни се потребни квалитетни ученици коишто ќе продолжат овде“, смета Весна Бошковска, одделенска наставничка во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, во Скопје.

Покрај учениците, заминуваат и самите наставници. Нивните места тешко се надополнуваат. Причината за тоа, како што велат претставниците од образовната фела, е што на факултетите сè помалку се продуцираат нови кадри.

Сè помалку наставни кадри од факултетите

„Заинтересирани наставници да работат со учениците, имаме сè помалку и помалку. Тоа е системски проблем, зашто на голем број од факултетите во државата имаме по еден, двајца или тројца наставници, коишто би работеле“, анализира наставникот и ментор, Богданоски.

Во немањето ефикасно решение за надминување на недостатокот од нови едукатори, дел од наставниците самите се обидуваат да ги поттикнат децата да станат нивни идни колеги.

Да ги мотивираме учениците

„Времето оди напред, работите се менуваат. Затоа, ние како наставници мораме тој тренд да го следиме. Да ги мотивираме учениците, па и да ги поттикнеме да ја наследат нашата професија“, укажува одделенската наставничка Бошковска.

Причините за заминувањето на цели семејства се многукратни. Лицата што се вклучени во образовниот процес апелираат решението за проблемот да се бара на нивото на целото општество.

Политиките мора да се менуваат. Мора да се создава квалитет. Партизираноста треба да излезе од институциите
Маја Ивановска, педагог

„Политиките мора да се менуваат. Мора да се создава квалитет. Партизираноста треба да излезе од институциите, да се бара квалитет, односно критериуми. Ако има критериуми на вработување, и слично, тогаш ќе имаме и задоволни корисници на услуги“, апелира педагогот Ивановска.

Тоа што сè уште дава надеж е посветеноста на самите наставници да пренесат знаење на децата што останале и во најмалите средини.

„Во руралните средини постојат училишта што имаат по едно, две или три деца. И, тие сè уште постојат. Тоа е поради ентузијазмот и на општината, и на наставниците, кои поминуваат и по 60 километри дневно за да стигнат и само за едно дете“, посочува наставникот Богданоски.

Ланската учебна година имало 1.500 ученици помалку

Според податоците на Државниот завод за статистика вкупниот број на ученици во основите училишта на почетокот од ланската учебна година бил 185.099 деца. Тоа е за околу 1.500 ученици помалку од годината претходно.

Целосните бројки за запишаните ученици во новата учебна година допрва ќе дојат. Но судејќи според досегашниот тренд, голема е веројатноста дека и годинава наставата ќе се одвива со многу празни клупи во училиштата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG