Линкови за пристапност

Книга за елиминацијата на Бин Ладен


Портпароли на Пентагон и ЦИА велат дека не ја добиле на претходна проверка.

Поранешен член на специјалниот американски армиски тим што го елиминираше терористичкиот водач Осама бин Ладен напиша книга за операцијата, предизвикувајќи загриженост меѓу владини претставници за евентуално оддавање на доверливи информации.

Издавачката куќа Датон соопшти дека авторот на книгата бил припадник на специјалните морнарички сили СИЛС (кратенка за морнарички, воздухопловни и копнени тимови), кој користи псевдоним Марк Овен, а на неа соработувал со новинарот Кевин Маурер. Авторот преку Датон изјави дека било време „да се наведат фактите“ за рацијата во резиденција во Пакистан во која беше елиминиран водачот на организацијата која ги изврши терористичките напади врз САД 2001-вата.

Но, портпароли на Пентагон и ЦИА соопштија дека овие инстанци не ја прегледале книгата за да обезбедат дека не се откриваат доверливи податоци. Поранешните припадници на армискиот и разузнавачки персонал се обврзани да ги поднесат своите материјали на проверка, пред да бидат објавени.

Веста за книгата доаѓа во време кога владата на претседателот Барак Обама е на удар на критики дека дозволила да протечат доверливи информации за рацијата против Бин Ладен од - како што тврдат некои критичари - политички причини.

Според Датон, книгата ја прегледал поранешен правобранител чија стручност се специјални операции. ЦИА и Пентагон може да преземат правни мерки против авторот, па дури и да побараат да биде спречено објавувањето на книгата.

Делото под наслов „Нималку лесен ден: приказна од прва рака за мисијата во која беше убиен Осама бин Ладен“ ќе биде издадена на 11-ти септември, на годишнината од терористичките напади во Вашингтон и Њујорк. Издавачот најави дека авторот ќе донира дел од приходот во добротворни цели, за поддршка на семејствата на загинати припадници на СИЛС.
XS
SM
MD
LG