Ниту еден македонски државјанин кој живее или работи во Либан, досега не побарал асистенција за негово заминување или извлекување од оваа држава, или пак дека се наоѓа на нејзина територија, по апелот на македонското министерство за надворешни работи и трговија, сите државјани кои се наоѓаат во оваа држава, поради влошената безбедносна состојба на релација Израел-Либан истата да ја напуштат во првата можна прилика.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до граѓаните да ги одложат патувањата кои не се неопходни кон Израел. Дополнително, македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел, да ги следат упатствата на националните безбедносни власти и во зависност од потребата и динамиката на безбедносната ситуација, да го напуштат Израел“, наведоа од министерството.
Од МНР информираат дека ќе продолжат да ги следат состојбите во Либан, Израел и регионот, и навремено ќе ги информира македонските државјани за евентуални насоки за постапување.
Тензиите на Блискиот Исток во моментов може да се погледнат најмногу преку борбените операции и војната која на терен ја водат израелските оружени сили и Хамас, вели безбедносниот аналитичар, Александар Србиновски. Според него, моментално не се гледа крај на конфликтот меѓу двете завојувани страни.
„Тоа го тврдам поради фактот дека битките сега наместо натериторијата на Израел се водат и на територијата на соседните земји, а премиерот на Израел, Бенjамин Нетанјаху, нема никаков политички интерес да го сопре војувањето. Тој потекнува од безбедносно-политичките естаблишменти на државата, и секоја добиена борба во војната си ја препишува како успех на неговата политичка структура, која за волја на вистината е длабоко критикувана од израелската опозиција. Државниот врв на Израел е потпомогнат со воена помош од сојузниците на земјата и во моментов не се наговара никакво поместување на борбените реторики. Од друга страна, сојузниците пак на палестинските воени организации како Иран, Русија и други, најавуваат слична воена поддршка кон Хамас и Хезболах, потпомогната со модерни ракети и оружени системи“, вели Србиновски.
Иако војната е релативно блиску до Европските граници, дипломатите на ЕУ истовремено не сторија ништо конкретно да го сопрат крвопролевањето, додава Србиновски.
„Американскиот претседател Бајден од друга страна пропушти многу можности да го прекине конфликтот во овој дел од светот, и имаше нелогична реторика во своите изјави истовремено повикувајќи за примирје и заштита на Палестинските животи и истовремено паралелно давајќи воена помош на израелската армија. Накратко верувам дека Блискиот Исток во годината која следи ќе стане уште попроблематичен регион на светот од периодот кога тој беше уништен од делувањата на ИСИС и граѓанските војни во Сирија, Либија, Ирак“, рече Србиновски.
Според него, Северна Македонија во моментот не е под ризик дека ќе биде директно или индиректно зафатена од глобалните безбедносни превирања и од случувањата на Блискиот Исток.
„Нашата држава веќе неколку години се интегрираше во системот на чадорот на НАТО, и верувам дека многу подобро би се справиле сега со ризиците споредбено со периодот кога бевме надвор од воениот сојуз. Засега нема индиции дека е возможно да бидеме зафатени од бран на луѓе бегалци од новите војни на Блискиот Исток, но дури и тоа да се случи, во 2024 година сме далеку поспособни да се справиме со предизвиците споредбено со 2015 година“.
Она што земјата во моментов треба да го направи е внимателно да го следи развојот на состојбите во нашето соседство на северните граници меѓу Србија и Косово.
Тој смета дека рускиот напад врз Украина, тензиите во Јужното Кинеско Море, прашањата поврзани со Тајван, Косово, Корејскиот полуостров, војната во Појасот Газа и зголемениот број конфликти во Африка се само силни показатели дека во моментов постои едно ново мерење на безбедноста и мирот во светот кое според пишувањата на магазините кои се бават со мегуранодна политика е насловено како релативно примирје или „нова нормалност”.
„Сепак и покрај комплицираните состојби во геополитиката јас лично се надевам дека овие состојби нема сериозно да го доведат светот до граница на глобален конфликт. Јас верувам дека безбедносните состојби во светот ќе станат далеку по мирни по завршетокот на изборната трка за претседател во САД. Односно во зависност од тоа кој ќе ја предводи најголемата демократија на светот (САД), а воедно и најмоќната армија (дали тоа ќе биде Доналд Трамп или Камила Харис), зависи и каков ќе биде пристапот на Америка кон сите геостратешки безбедносни случувања. Верувам дека новиот претседател на САД, пред себе ќе има исклучително тешка задача, да го избалансира новиот светски поредок, но истовремено сум убеден дека секоја глобална криза дипломатски ќе биде санирана од наследникот на Џо Бајден“, рече безбедносниот аналитичар Александар Србиновски.