Линкови за пристапност

Блинкен може да сретне со кинескиот претседател Шји во Пекинг, велат извори


Тој ќе биде највисокиот функционер на американската влада што ќе ја посети Кина откако Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година
Тој ќе биде највисокиот функционер на американската влада што ќе ја посети Кина откако Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен викендов оди во Пекинг со мали очекувања дека ќе направи напредок на долгиот список спорови меѓу САД и Кина.

Но, тој и неговите кинески колеги можат да постигнат барем една работа, велат аналитичарите - да покажат дека најважните билатерални односи во светот нема да излезат од контрола.

Блинкен ќе одржи состаноци во Кина на 18 и 19 јуни и може да се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, рекоа извори.

Тој ќе биде највисокиот функционер на американската влада што ќе ја посети Кина откако Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година.

На брифингот пред патувањето во средата, американските власти рекоа дека не очекуваат оти патувањето ќе донесе чекор напред во тоа како САД и Кина се справуваат една со друга.

Тоа уследи по напнатиот вечерен телефонски разговор со Блинкен во вторникот, за време на кој кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг им рече на САД да престанат да се мешаат во работите на Кина.

Кинеското министерство за надворешни работи се надоврза денес, предупредувајќи дека САД „не треба да фантазираат дека се справуваат со Кина од позиција на сила“.

„Ова не е таканаречена одговорна конкуренција, туку крајно неодговорно хегемонско однесување кое само ќе ги турне Кина и САД кон конфронтација“, изјави за новинарите портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин.

Посетата, која би можела да ја постави основата за голем број други дипломатски ангажмани, вклучително и средба меѓу Шји и американскиот претседател Џо Бајден подоцна оваа година, ќе покаже дека двајцата ривали не се откажале од дипломатијата.

„Двете страни сакаат да му покажат на остатокот од светот дека одговорно управуваат со односите“, рече Ендрју Смол, виш соработник во програмата за Азија на Германскиот фонд Маршал.

„За Кина, најважната публика е глобалниот југ“.

Билатералните врски се влошија насекаде, предизвикувајќи загриженост дека нивното ривалство би можело да премине во конфликт околу Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзин.

САД и Кина, исто така, се во несогласување околу прашања кои се движат од трговија и микрочипови до човекови права.

Американските власти во средата рекоа дека поставувањето кризни комуникациски канали за намалување на ризикот е главен приоритет.

„Се` што ќе доведе до поголема соработка, поголем дијалог и намалување на тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон е за поздравување“, изјавија ОН.

Иако главната цел на Блинкен ќе бидат „искрени, директни и конструктивни“ дискусии, велат американските официјални лица, не е веројатен напредок за некои големи прашања, вклучително и за прашањето за фентанил.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG