Линкови за пристапност

Груевски: Битола не смее да замолчи


Bitola Polution 002

Битола - еден од најзагадените градови во Македонија, но го има и „црниот рекорд“ по бројот на лица со малигни неоплазми

Аерозагадувањето во Битола е сè поголемо, вели во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, борецот за здрава животна средина, граѓанскиот активист Душко Груевски, по повод најновите статистички податоци за бројот на лица со малигни заболувања во градот и околината. Нашиот соговорник, кој со години наназад, со активности преку невладиниот сектор, се обидува да работи за зајакнување на свеста на битолчани и на останатите жители на плодната Пелагонија, за неопходноста од намалување на аерозагадувањето и за скусувањето на рокот за итно преземање мерки кон најголемите загадувачи, како на пример, термоелектраната од РЕК Битола, која сè уште произведува електрична енергија, без А-интегрирана еколошка дозвола

Според соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, и пошироко - во регионот и во Европа, но го има и „црниот рекорд“ по бројот на лица со малигни неоплазми. Тој ги наведува податоците од Центарот за јавно здравје во Битола и од Државниот завод за статистика, според кои, во амбулантно-поликлиничката дејност во Битола, во периодот 2014 - 2017-та година е забележан постојан раст на смртност од неоплазми! Според Центарот за јавно здравје Битола, од регистрираните 530 тумори/неоплазми (малигни и бенигни) во 2014-та, бројот рапидно расте секоја година. Во 2015-та се регистрирани 2.500 случаи, во 2016-та година – 2.800, а во 2017-та година – 2.700 случаи.

Груевски ги наведува и податоците од Институтот за јавно здравје на Република Македонија - за лицата починати од малигни заболувања, според кои, во битолскиот регион повеќе од 200 лица годишно умираат од канцер. Во периодот 2010 – 2016-та, секоја година бројот на умрени лица се движи од 207 лица до 228 лица.

„Податоците се поразителни од секој аспект! Но, зачудува фактот што и покрај вакви податоци, новата локална власт не презеде никакви итни мерки за заштита на животната средина, ниту пак, излезе со некоја одржлива програма за справување со горливиот проблем, туку се ‘вади’ на картата гасификација на Битола. Гасификацијата е долгорочна мерка, но што до гасификацијата? Од буџетот на Општина Битола не се предвидени некои поголеми средства за итни мерки, со што барем во претстојната грејна сезона 2018/2019-та, ќе можеше да се намали загадувањето на воздухот од несоодветното загревање на домаќинствата и од нерегулираниот режим на сообраќајот. Нема никаква идеја и нема никакви активности или најава за активности, Битола е повторно осудена на уште една година без напредок, а со нови предвремени смртни случаи и на уште една катастрофална календарска година“, револтиран е Груевски.

Во тој контекст, и Габриела Илиевска, советничка од Советот на Општина Битола, изјави за медиумите дека „секое семејство, секој човек во Битола има некој близок кој се разболел или починал од малигни заболувања. Ние имаме една ситуација, според која, го одгледуваме заболувањето, а не правиме ништо да го спречиме она што го предизвикало!“.

Затоа, активистите бараат воведување на ефтина тарифа за електрична енергија во регионот, задолжително мерење на емисиите на штетни гасови од термоелектраната и транспарентност на локалната власт во трошењето на средствата добиени од термоелектраната.

Груевски пак, за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцира дека негрижата е катастрофална и дека „збунува фактот што на 12 јуни, неколку часа по пуштањето во оптек на термоелектраната ‘Осломеј’, истата беше исклучена поради видливото загадување на воздухот во околните населени места“. Тој го наведува и официјално соопштение на ЕЛЕМ, според кое, „имајќи ја предвид загриженоста и сензитивноста на населението од околните места, ТЕЦ Осломеј се исклучи од погон“.

„Каква небулоза! А, состојбата на населението во Пелагонискиот регион не е сензитивна и жителите од околните населени места не се загрижени за своето здравје?! За тоа не се загрижени ни одговорните од ЕЛЕМ!? Какво е ова однесување?“, прашува Груевски.

„На крајот, според резултатите кои произлегоа од стручната анализа на почвата околу РЕК Битола, направена од професори од Природно-математичкиот и Биотехничкиот факултет од Битола, за кои професорот Стафилов на јавна трибина рече дека состојбата е катастрофална, може да се донесе заклучок дека жителите на Битола и регионот се пресметана жртва, за сметка на снабдувањето со електрична енергија на државата и богатењето на олигарсите и трговците со електрична енергија“, дециден е нашиот соговорник.

Душко Груевски беше еден од активистите на невладината организација „За нас се работи“, која уште пред две ипол години го сними и промовираше документарниот филм „Бт Токсик“ - за енормното аерозагадување во Битола. Во филмот се презентирани изјави на членовите на „За нас се работи“, на медицински лица и претставници од Институтот за јавно здравје, на стручни лица од РЕК Битола, на претставници на еколошки здруженија од Македонија и на Министерството за животна средина, меѓу кои се истакнува ставот на д-р Нико Герас, специјалист по општа медицина, според кого е „сигурно дека еден дел од хроничните болни, како со хронични респираторни заболувања, така и со кардиоваскуларни заболувања, за жал, починале како последица на аерозагадувањето“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG