Линкови за пристапност

Бајден и Путин разговараа за Украина 50 минути


Телефонскиот разговор, кој беше побаран од рускиот претседател, се случи пред закажаните разговори на високо ниво во Женева на 10. јануари

Претседателот на САД Џо Бајден разговараше на телефон со неговиот руски колега и побара дипломатско решение за тензиите долж руската граница со Украина.

Претставници на Белата куќа изјавија дека разговорот почнал во 15:35 часот локално време во Вашингтон, односно по полноќ во Москва, и завршил 50 минути подоцна.

Ова беше втор разговор меѓу двајцата лидери овој месец, кои на почетокот на декември зборуваа за 70.000 трупи што се распоредени на руската страна од границата, според разузнавачките информации од сателетиско мапирање. Аналитичарите прогнозираат оти Путин планира да распореди 175.000 војници.

Разговорот, кој беше побаран од рускиот претседател Путин, се случи пред закажаните разговори на високо ниво во Женева на 10. јануари. Ниту еден од нив не се очекува да учествува во овие разговори, рече официјалното лице.ж од администрацијата на САД.

„Ние сме подготвени за дипломатија и дипломатски пат напред. Но, исто така, сме подготвени да одговориме ако Русија продолжи со натамошна инвазија на Украина“, изјави за новинарите официјално лице од администрацијата на Бајден.

Поранешниот американски амбасадор во Русија Мајкл Мекфол, за Гласот на Америка, рече дека „Бајден е во право што го прифати барањето на Путин за телефонски повик. Штом Путин го побара тоа, тој мора да има порака што треба да ја пренесе. Но, и Бајден мора да ја пренесе неговата порака“.

Мекфол додаде дека „Бајден треба јасно да каже дека сериозните преговори за европската безбедност мора да вклучуваат многу поширока агенда од онаа што ја предложи Путин, вклучително и руските закани за безбедноста, како што се анексијата на Крим, признавањето на Јужна Осетија и Абхазија и руските сили кои ги окупираат Украина, Грузија и Молдавија. Второ, Бајден треба јасно да му стави до знаење на Путин дека на секоја дискусија за украинската безбедност и суверенитет мора да ги има и Украинците на маса“.

САД во повеќе наврати ја осигураа Украина за нивната поддршка, и обезбедија десетици милиони долари во безбедносна асистенција.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен, вчера зборуваше со украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во објавената изјава се вели дека Блинкен ја повторил поддршката за независност, суверенитет и територијален интегритет на Украина.

Белата куќа рече дека ќе има „значајни последици“ ако Русија изврши инвазија. Тие би вклучувале тешки економски санкции и зголемена безбедносна поддршка за Украина.

Зеленски вчера на Твитер напиша дека „добив уверување за целосна (американска) поддршка за Украина во справување со руската агресија“.

Портпаролот на Стејт департмент Нед Прајс рече дека Блинкен, исто така, зборувал со министрите за надворешни работи на Британија, Франција и Германија, во однос на „координација за справување со каква било руска агресија кон Укарина“.

Портпарол на Советот за национална безбедност во Белата куќа, за Гласот на Америка, рече дека САД се потпираат на нивните сојузништва во регионот за да постигнат дипломатско решение.

„Ние сме обединети како алијанса за последиците со кои Русија би се соочила ако ја нападне Украина. Но, исто така, сме обединети во нашата волја да се вклучиме во дипломатија со Русија“, рече тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG