Линкови за пристапност

„Дали Македонија припаѓа во НАТО?“


Дискусија со македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во Центарот за трансатлантски односи во Вашингтон.

Пред преставници од американската влада, невладини организации и медиуми во Вашингтон, македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими на дискусија во Центарот за трансатлантски односи во Вашингтон рече дека формално и де факто, во Македонија постои стратешка цел за влез во НАТО. Влезот на земјата во Алијансата би овозможил поголем прилив на странски инвестиции, како што веќе се случи во Албанија и Бугарија, смета министерот.

Според Бесими, Македонија од сите земји во регионот има најголема поддршка од граѓаните за влез во НАТО. За Македонија, членството во НАТО значи надеж и верба за подобар живот на сите граѓани, без разлика на етничкото потекло и верската припадност, нагласи првиот човек на македонската одбрана.

„Придобивки и корист од членството ќе има не само Македонија, туку и регионот“, рече Бесими. Тој од Центарот за трансатлантски односи упати апел до НАТО - регионот да не остане во ист статус со години, а евроатлантската интеграција да добие поголем поттик и да забрза.

Бесими оцени дека во 21-от век, заканите не се конвенционални и дека ги надминуваат националните интереси. Затоа, истакна, потребна е поголема регионална соработка во однос на глобалните предизивици.

Запрашан за можноста да се реши проблемот со името во скоро време, и каква би можела да биде улогата на САД во забрзувањето на процесот, Бесими нагласи дека е потребно двете страни во спорот да гледаат на себе како на партнери, а не како непријатели. Според него, потребно е решение со кое, како што рече, двете страни ќе можат да живеат. Не само за Македонија, туку и во интерес на Грција е во регионот да владее стабилност и мир и меѓусебна доверба, заклучи Бесими.
XS
SM
MD
LG