Линкови за пристапност

Фатмир Бесими: Аргументите за членство јакнат секој ден


Фатмир Бесими: Аргументите за членство јакнат секој ден
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:07 0:00
Direct link

Фатмир Бесими: Аргументите за членство јакнат секој ден

На дневниот ред на македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во Вашингтон, е средба во Пентагон со потсекретарот за одбранбена политика Џејмс Милер.

Глас на Америка: Во САД сте на неколкудневна посета. За што ќе разговорате во Пентагон?

Бесими: Посетата во Пенгатон е продолжување на средбата што ја имавме со секретарот Панета (пред неколку месеци н.з. ) при што дискутиравме за билатералната соработка, регионалната и евроатланската перспектива за Македонија и регионот. Ќе зборувам, конкретно за некои проекти кои се однесуваат на модернизацијата на АРМ, како и во делот на стратешките документи кои ги подготвува одбраната, како и за самата евроатланската интеграција, за да се држи темпото за овој процес кој е значаен за мирот и стабилноста на регионот; во тој контекст, и некои делови кои ги дискутиравме за „паметната одбрана“, како регионален концепт.

Глас на Америка: Неизбежно, ќе стане збор и за прашањето за името?

Бесими: Тоа е политичко прашање. Што се однесува во областа на одбраната, нашата соработка со Пентагон се однесува на реформите. Секако, прашањето е предизвик, и ние сметаме што е можно побрзо да се реши. Ќе ја искористам можноста да укажам дека е многу важно процесот на евроатланска интеграција на Македонија и регионот во НАТО да се случи што побрзо, да се најде начин да се надминат отворените прашања, како што е прашањето за името меѓу Македонија и Грција, отворените прашања меѓу Косово и Србија и во Босна и Херцеговина. Ова се прашања што треба, и што е можно побрзо да се најде решение, со цел регионот да биде во одржлив мир и стабилност.

Глас на Америка: Дали навистина се истрошени аргументите за напредокот на Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО? Веќе со години се повторува истото...

Бесими: Јас би рекол спротивно. Аргументите се зајакнуваат секој ден. Факт е дека Република Македонија останува посветена на овој процес; продолжува поддршката на граѓаните од 90 отсто и има политички консензус за ова прашање и покрај сите предизвици во сите овие години; Македонија е земја со најдолг процес на МАП - акционен план за членство. Поддршката од граѓаните стои и натаму и аргументите за членство јакнат и натаму. Нашиот придонес во НАТО со мисиите не престанува. Нашите реформи продолжуваат секојдневно. Нашите аргументи стануваат се` посилни во интерес на Македонија. Прашањето треба што побрзо да се реши, затоа што во регионот, сепак, има отворени предизивици кои можат да се искористат од одредени политичари за локални интереси.

Глас на Америка: Дали на маса во Пентагон ќе се најде и придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии во Авганистан? Што понатаму во таа смисла?

Бесими: Тоа е без исклучок тема што на секоја средба во НАТО и во Пентагон се дискутира. Ние сме кажале дека сме доследни целосно на принципот „заедно внатре, заедно надвор“, односно, во одредена мисија, сите членки и партнери на НАТО се заедно. Така и во Авганистан, нашата мисија, односно нашите трупи во Авганистан, во оваа фаза остануваат, но и по 2014-та, ќе ги следиме заклучоците од Чикаго за трансформација на друг начин на придонес на земјите на НАТО и поддршка на институциите во Авганистан.

Глас на Америка: Зошто „случајот Слупчане“ доби толкав публицитет?

Бесими: Мислам дека со тоа се отвори едно клучно прашање за соживотот во Република Македонија, за инклузивниот пристап во РМ, да биде модел за земја-членка на ЕУ и НАТО. Односно, овие земји ги промовираат вредностите на инклузивност, почитување на различноста, меѓусебно разбирање и почитување, зајакнување на довербата. Тоа е прашање што овие 11 години по Охридскиот договор не е дискутирано во јавноста и политиката, а сепак е прашање што треба да се реши. Мислам дека тоа е главната тема што се покрена толкава дискусија во јавноста, и сметам дека е прашање за кое треба да се разговара и прашање за кое треба да се најде решение на балансиран начин. Значи, подеднакво да се почитуваат и да им се даде можноста да се интегрираат во општеството, без разлика на нивната етничка припадност. И, од конфликтот во 2001-ва, двете страни кои беа инволвирани, да имаат можност да се интегрираат во општеството, и тоа да биде еден начин да се гледа кон иднината.

Вакви примери има доста во светот. Мислам дека тоа што се случи во Република Македонија е целосно во склоп со концептот на ЕУ, и на самата интернет-страница на ЕУ ќе најдете дека нејзината идеја потекнува од целта за помирување, да се гледа заедничка иднина, како што беше во 1951-ва, не повеќе од шест години од завршувањето на Втората светска војна...

Глас на Америка: Меѓутоа, нема ли подобар начин за приближување на Македонците и Албанците, со оглед дека водите одговорен ресор?

Бесими: Мислам дека кога станува прашање за идејата за концептот, јас апсолутно немам дилема дека ова е еден комплексен и чувствителен процес, во кој треба да се има разбирање и за чувствата на граѓаните, особено оние кои имале најголеми загуби од тој конфликт, односно загубиле член од семејството. И токму, потврда на тоа е дека пред една година, имав реакција од страна на Албанците затоа што положив венец кај бранителите, и оваа година тоа се рефлектираше само кај другата страна, затоа што имав сличен потег и за Албанците кои загинаа во конфликтот во 2001-ва. Мислам дека ова прашање нема модел. Моделот е дека треба да се почитуваме меѓу себе и да најдеме начин како тоа да го надминеме. Сепак, мислам дека ваквите практики се видени во светот, во примерот со Германија и Франција, со Северна Ирска... Меѓутоа, во самиот извештај од ЕУ што вчера и` беше доставен на Македонија, на 17-тата страница, експлицитно се вели дека треба да се најдат начини на подеднакво решавање на статусот на жртвите од 2001-ва, без разлика од која страна тие да биле, односно да се промовира концептот на инклузивност во едно мултиетничко општество.

Глас на Америка: Постои ли јаз меѓу Вас и началникот на Генералштабот на Република Македонија, по реакциите кои произлегоа вашето обраќање на албански јазик пред кадетите?

Бесими: Мислам дека тоа беше некоја медиумска сензација, не знам од чии мотиви. Не е прв пат јас да се обраќам на албански јазик. Уште од самото мое поставување, не само како министер за одбрана, туку и за економија, во моите говори, покрај македонскиот, без да се оди на класичен превод, делови од говорот или пораки, ги читам или говорам и на албански, и на англиски, зависно од аудиториумот. Меѓутоа, и во Уставот, тие прашања се регулирани. Сепак, кога станува збор за говор, нема ниту едно законско ограничување. Една од главните уставни одредби, покрај тоа што стои дека службен јазик покрај македонскиот е тој што го зборуваат над 20 проценти, односно албанскиот, е исто така службен, регулиран со законите. Меѓуто, има уште една друга основна одредба во Уставот - се` што не е забрането е дозволено. Мислам дека тоа беше чисто некоја сензација кој некој го искористи да го коментира во оваа фаза, но не е ништо ново. Тие што се внатре во институцијата, тоа го знаат. Во однос на релациите, министер, претседател на држава и началник на Генералштаб, тие се јасно дефинирани во законот и мислам дека доколку се почитуваат тие одредби, ние функционираме најнормално во тој аспект.

Глас на Америка: Но, нели, официјален јазик во АРМ е македонскиот?

Бесими: Да. Јас тоа не го оспорувам. Во законот е јасно дефинирано дека македонскиот јазик е службен. Во однос на командата, во армијата, во пишаните наредби, се на македонски јазик. Тоа што јас сум го кажал или направил е во однос како е во говорите, каде можам да го направам, исто така на нашата веб-страница, каде исто така тоа е регулирано, и во однос на Уставот, над 20 проценти од граѓаните кои го говорат јазикот можат да го користат својот јазик. Во АРМ, албанскиот се користи кога даваат заклетва, и тоа е и во пишан документ, покрај македонскиот, и на албански јазик да ја потпишат својата заклетва. Ова не е некоја работа што воопшто не треба да се дискутира. Тоа се отворени прашања, има различни практики. Сакам да кажам дека и тој момент, кој беше пренесен во јавноста, не беше ново, туку беше повеќе како сензација. Јас не чувствував за потреба тоа дополнително да го објаснам. Тоа е познато и функционира и немаше реакција внатре во институцијата.
XS
SM
MD
LG