Беран Алији е името на првоосомничениот за планираниот терористички напад во Виена. Министерството за внатрешни работи се` уште официјално не го потврдува неговиот идентитет. Но, од австриската полиција информираа дека станува збор за 19-годишниот Беран А, а беше објавен и неговиот изглед.
Станува збор за австриски државјанин, со потекло од Северна Македонија. Австриската полиција од македонските колеги побарала дополнителни информации за Беран, за неговото семејство, дали тој доаѓал во земјава и дали бил сомнителен за домашните безбедносни служби.
Деветнаесетгодишникот бил уапсен вчера во Терниц зашто планирал терористички напади за време на концертите на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт.
Според австриските власти, тој ја признал намерата. Нападите требало да ги изврши со експлозив, но и со ладно оружје пред стадионот кога требало да има многу луѓе кои влегувале на концертот.
Според надлежните, тој сакал да се самоубие, но и да убие што е можно повеќе луѓе.
Австриската полиција информира дека дојавата за потеницјален терористички напад дошла од странска разузнавачка служба. Во куќата на Беран Алији биле пронајдени ножеви, екслпозив и детонатори.
„Не сакам да зборувам на конкретни теми, но едно е јасно од неговото признание. Тој е очигледно радикализиран во насока на Исламската држава и смета дека е правилно да се убиваат неверници“, вели Омар Хаијави-Пирчнер, директор на Управата за државна безбедност и разузнавање.
Тој имал двајца помошници кои исто така се уапсени. Едниот од нив бил обезбедување на стадионот каде требаше да се одржат концертите на американсаката поп-ѕвезда.
Настапите на Тејлор Свифт планирани за наредните денови во Виена се откажани.