19-годишниот Австриец кој организираше заговор за напад на фановите на Тејлор Свифт на концерт во Виена со бомба или нож, бил приврзаник на Исламската држава, соопштија властите денес.
Главниот осомничен, кој има потекло од Северна Македонија, имаше целосно признание во притвор, изјави на прес-конференција генералниот директор за јавна безбедност на Австрија Франц Руф.
Тој се заколнал на лојалност на водачот на милитантната група Исламска држава на Интернет и чувал хемикалии и технички уреди во својот дом во Терниц како подготовка за напад, додаде Руф.
19-годишникот, чие име не беше соопштено, планирал напад со експлозив или нож меѓу околу 20.000 фанови на Свифт, кои требало да се соберат пред стадионот, изјави шефот на националното разузнавање Омар Хајави.
„Во моментов нема информации дека другите концерти се предмет на експлицитна закана“, додаде тој на прес-конференцијата.
Две други австриски млади лица на возраст од 17 и 15 години, исто така, беа приведени во средата поради заговорот.
Трите концерти на Свифт во Виена, кои требаше да започнат денес со распродадена публика од 65.000, беа откажани, за кои многу фанови патуваа од далеку.
„Тоа е трогично, фрустрирачки. Но, на крајот на денот претпоставувам дека е за сечија безбедност“, рече Марк дел Росарио, кој летал од Филипини за концертот.
Американскиот радиодифузер Еј-Би-Си цитираше извори од органите на редот и разузнавањето дека австриските власти добиле информации за заканата за концертот на Свифт од американското разузнавање.
Се цитираат извори дека барем еден од осомничените се заколнал на верност на ИСИС-К, крило на ИД, на Телеграм во јуни, иако заговорот бил инспириран од ИД, а не режиран од оперативците на групата.
Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер рече дека странските разузнавачки агенции помогнале во истрагата, бидејќи австрискиот закон не дозволува следење на апликациите за пораки.
Организаторот на настанот Лајв Нејшн (Live Nation) ги повика навивачите на „Колдплеј“, кој треба да игра на истиот стадион на 21 август, да останат смирени и рече дека е во контакт со властите.
Не коментираше дали концертот ќе се одржи.