Линкови за пристапност

Белорусија кажа дека се приклучува на нуклеарните вежби на Русија


Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко се ракуваат во Санкт Петербург, Русија, 29 јануари 2024 година (Фото: АП)
Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко се ракуваат во Санкт Петербург, Русија, 29 јануари 2024 година (Фото: АП)

Белорусија во понеделникот соопшти дека нејзината армија учествува во втората фаза од руските вежби наредени од претседателот Владимир Путин за вежбање на распоредување на тактичко нуклеарно оружје.

Првата фаза од вежбите се одржа во јужниот дел на Русија минатиот месец, што, велат нуклеарните аналитичари, е предупредувачки сигнал од Путин да го одврати Западот подлабоко да влезе во војната во Украина.

Белорускиот министер за одбрана, генерал-полковник Виктор Кренин рече дека вежбите се проактивна мерка за „да се зголеми нашата подготвеност да користиме таканаречено одмаздничко оружје“.

„Сега, повеќе од кога било досега, сме решени да одговориме на какви било закани“, рече тој.

Тој не кажа каде се одржуваат вежбите и за какви видови оружје станува збор.

Белорусија ги дели границите со три земји на НАТО - Полска, Литванија и Латвија.

„Немаме цел да создадеме каква било тензија во регионалните безбедносни прашања. Ние не проектираме релевантни воени закани за трети земји или некој друг“, додаде Кренин.

„Ние сме мирна држава, не се закануваме и не бараме конфронтација со никого, но прашокот ќе го чуваме сув!“.

Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко минатата година објавија дека Русија преместува дел од своето тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Станува збор за боеви глави дизајнирани за употреба на бојното поле, за разлика од стратешкото оружје со долг дострел наменето да ги избрише цели непријателски градови.

Некои западни аналитичари веруваат дека тактичкото нуклеарно оружје добило поголемо значење во размислувањето на Москва од почетокот на војната во Украина, каде нејзините конвенционални сили се бореле во првите две години.

Теоретски, употребата на такво оружје може да предизвика неверојатен шок на Западот без нужно да поттикне целосна нуклеарна војна, иако ризикот од активирање на циклус на ескалација би бил огромен.

Од првиот ден на војната, Путин постојано го предупредува Западот за големината и моќта на рускиот нуклеарен арсенал.

Од Русија засега нема информации за вежбите со Белорусија, иако Москва претходно најави дека тие ќе се одржат.

Руското Министерство за надворешни работи минатиот месец изјави дека се надева оти вежбите ќе ги „оладат жешките глави во западните престолнини“ откако францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави можноста за испраќање европски војници да се борат против Москва во Украина, а британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека Киев има право да користат оружје обезбедено од Лондон за да напаѓаат цели во Русија.

XS
SM
MD
LG